За Меѓународниот ден на младите – дебата, музика и дружење во Градскиот парк

За Меѓународниот ден на младите – дебата, музика и дружење во Градскиот парк

По повод 12 август, Меѓународниот ден на младите, Агенцијата за млади и спорт заедно со Националниот младински совет на Македонија организира отворен настан  – дебата и дружење, во Градскиот парк („Школка“) в сабота со почеток во 18 часот.

Дебатата ќе биде посветена на младинската гаранција како една од приоритетните мерки на новата реформска Влада на Република Македонија. Младинската гаранција нуди шанса за субвенционирани работни места, вработување на младите, обуки, програми за самовработување, пилот-програми за млади според локалните потреби.

На дебатата говорници ќе бидат: директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, пратеникот во Собранието на Република Македонија, Стефан Богоев, како и претседателот на Националниот младински совет на Македонија, Блажен Малески.

Предвиден е и интерактивен дел каде што присутните ќе поставуваат прашања, ќе даваат предлози и сугестии за зајакнување на улогата на младиот човек во општеството.

По завршување на дебатата, ќе им бидат доделени благодарници на младите научници и нивните ментори кои освоија бронзени медали на меѓународните олимпијади по физика, математика, хемија и информатика.

Исто така, ќе следува и културно-забавна програма, со рок-бендови и диџеи.