За прв пат во Прилеп планинарски марш „Томе Темелкоски“

Во недела, на 23 април, за прв пат во Прилеп, во организација на планинарското друштво „Мамути“ ќе се одржи планинарскиот марш посветен на Томе Темелкоски, човекот кој беше иницијатор и кој го градеше планинарскиот дом на Селечка планина. Стартот на маршот ќе биде во 8 часот од кај манастирот „Св. Димитрија“ во село Селце, а потоа патеката продолжува на повеќе места на Селечка планина.

„Оваа година решивме да започнеме еден марш, кој се надеваме дека ќе стане традиционален, по повод Томе Темелкоски, кој што ни го остави во наследство планинарскиот дом на Селечка планина и споменикот „Устрелец“ кој е посветен на загинатите бранители на Карпалак“, истакна Маријана Георгиевска, член на планинарски клуб „Мамути“.

Патеката ќе била маркирана и таа спаѓала во категоријата средно тешки планинарски патеки, долга е околу 15 км. а се очекувало на маршот да присуствуваат околу 400 учесници. Инаку „Мамути“ е релативно млад планинарски клуб, оформен во декември 2016 година.

„Првата пауза ќе ја имаме на локалитетот „Домаќинско чешмуре“ од каде потоа се влегуваме во шумата и се упатуваме кон местото „Стебови“ од каде има прекрасен поглед на Пелагонија, на високите врвови на Солунска глава, Галичица, Шарплани и други. Од таму се упатуваме кон рудникот за ураниум кој бил експлоатиран во минатото. Потоа се оди кон споменикот „Устрелец“ каде ќе оддадеме почит на загинатите бранители на Карпалак во 2001 година. Се посетува планинарскиот дом кој го градеше Темелкоски, а од таму пак се спуштаме кон манастирот „Св. Димитрија“ во Селце каде за сите учесници на маршот ќе има организирано ручек“, кажа Владимир Јованоски, член на планинарски клуб „Мамути“.

Планинарскиот марш е поддржан од Општина Прилеп и градоначалникот Марјан Ристески.крај/мф