За убиството на Јанушев сослушани 35 лица, за убиецот сè уште се прибираат докази

За убиството на Јанушев сослушани 35 лица, за убиецот сè уште се прибираат докази

Едно лице го извршило убиството на Мартин Јанушев и случајот нема политички или какви било други аспекти, туку се работи за лично недоразбирање, соопшти денес министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Извршителот на убиството сè уште не е приведен оти, како што вели министерот, сè уште се работи на прибирање докази.

„За ова убиство се сослушани 35 лица. Тоа се луѓе што биле присутни во околината во моментот на убиството, луѓе што може да помогнат во обезбедување докази. Обезбедени се сите снимки од безбедносните камери и објектите во близина на местото на убиството, но ги имаме и снимките од граничните премини. Можам да кажам дека се работи за едно лице, какви било други информации може да ѝ наштетат на истрагата. Извесно е и дека се работи за лично недоразбирање, нема политички или други“, рече министерот Спасовски.

На прашањето дали извршителот е во Македонија или веќе ја напуштил, како што се шпекулира во јавноста, министерот вели „мислиме дека е тука, но не е потврдено“.

Полицијата го има пиштолот со кој било пукано во Јанушев. Министерот избегна да одговори на прашањето колку куршуми биле испукани во Јанушев.

Мартин Јанушев беше застрелан во петокот на улицата Владимир Комаров во Скопје по што беше пренесен во болницата „Св. Наум Охридски“. Почина еден час по застрелувањето.

Убиството на 28-годишниот фудбалер Мартин Јанушев е едно од двете нерасветлени убиства што се случиле од јули наваму, според министерот Спасовски. Другото нерасветлено убиство е убиството на Дилавер Бокју Леку,во Струга.

„Тука прибирањето докази оди потешко оти нема камери, се работи со изјави од луѓе, но и таа истрага бележи напредок“, рече министерот.

Од јули годинава досега Спасовки рече дека се регистрирани 12 убиства, од кои како нерешени случаи се водат убиствата на Јанушев и на Бојку.

(М.И.П.)