Зголемени контролите во шумите како мерки против шумските пожари

Зголемени контролите во шумите како мерки против шумските пожари

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека активно презело мерки за заштита на шумите од појава на пожари.

„Во согласност со Законот за шумите, по барање на ЈП „Македонски шуми“ на 11.7.2017 година, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, даде согласност за делумна забрана за движење во шумата или во одделни нејзини делови во период од 15.7.2017 до 15.8.2017 година.

Оваа одлука од страна на МЗШВ е донесена пред да почне сезоната на шумските пожари. Меѓутоа, по активирањето на поголемиот број шумски пожари на целата територија на Република Македонија, министерот Николовски, на 5.8.2017 година даде согласност за целосна забрана за движење во шумите или во одделни нејзини делови за периодот 5.8.2017 година до нејзиното отповикување.

Владата на РМ во согласност со Законот за управување со кризите донесе одлука за постоење кризна состојба заради превенција и справување со пожарите на подрачјата Македонски Брод и Чашка од 5.8.2017 година.

Министерот Николовски во согласност со донесената владина одлука ги зајакна капацитетите на Државниот инспекторат за шумарство и ловство (ДИШЛ) и му наложи, покрај редовните, да изврши и вонредни контроли врз работата на ЈП „Македонски шуми“, управувачите на заштитените подрачја и приватните сопственици на шуми.

По барање на министерот Николовски, Шумската полиција ги зајакна контролите на терен кога беа прогласени делумни и целосни забрани за движење во шума. Се евидентираа сите лица затекнати во шума и истовремено им се укажуваше за опасноста од појава на пожари.

Според Законот за шумите, субјектите што стопанисуваат со шумите и сопствениците на шуми (односно ЈП „Македонски шуми“, управувачите на заштитените подрачја и приватните сопственици), во зависност од степенот на загрозеност на шумата, должни се да преземаат посебни мерки за заштита од пожари (правење просеки во шума, подигање појаси од лисјарски видови дрвја во иглолисни шуми, поставување набљудувачници, организирање набљудувачка, известувачка, противпожарна служба и слично).

Според истиот закон, правните и физичките лица, кои преку вршење на својата дејност предизвикуваат шумски пожари, се должни да им ја надоместат штетата на субјектите што стопанисуваат со шумите, како и сопствениците на шуми.

Посебните мерки за заштита на шумите од пожари (односно правилникот за посебни мерки за заштита на шумите од пожари) ги пропишува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во согласност со Дирекцијата за заштита и спасување, во соработка со единицата на локалната самоуправа. ЈП „Македонски шуми“, националните паркови и сопствениците на приватни шуми, имаат законска обврска да го спроведуваат правилникот и имаат законска обврска за гаснење на шумските пожари во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување.

Сите ангажирани лица од наведените претпријатија даваат сѐ од себе за брзо и ефикасно гаснење на пожарите за кои за некои од нив постои сомнеж дека се намерно подметнати. Дополнително како Министерство ја зајакнавме комуникацијата со институциите во однос на навремено информирање на граѓаните. Владата на Република Македонија во иднина ќе спроведе крупни реформи во системот за справување со кризи“, се вели во соопштението на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.