Зголемени патни трошоци, поголем број вработени и набавка на нови возила за парламентот

Зголемени патни трошоци, поголем број вработени и набавка на нови возила за парламентот

 

За патни трошоци во 2018 година издвоени се 1,3 милион евра. На пратениците им останува на располагање речиси истата сума како и лани иако СДСМ се залагаше за намалување на непродуктивните трошења за што редовно ја напаѓаа владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Со првиот ребаланс новата Влада на СДСМ во јули скрати 650 илјади евра за патни трошоци, но поради намалена активност на пратениците за изборната кампања.

Истите пари сега се вратени во предвидениот буџет за 2018 година.

„Со проектирањето на новиот буџет ставката е вратена и е нешто повисока од претходната буџетска година. Со буџетот за 2017 предвидени беа 80 милиони, 500 илјади денари или приближно 1,3 милион евра. Истата ставка на име трошоци за 2018 изнесува 81 милион денари, што е 500 илјади денари повеќе од предвидените со буџетот во 2017 година. Со сегашниот буџет би се потрошиле 10.000 евра плус“, брифираат собраниски извори за „Макфакс“.

Од пратеничката група на СДСМ, која гласно говореше на оваа тема, велат дека и понатаму се на истиот став и дека нивиот предлог бил доставен до координаторите на пратеничките групи и до претседателот на Собранието, но дека сè уште нема одговор.

Доколку не одлучат да си скратат од својот луксуз, сепак трошоците ќе останат исти. Состојбата може да се промени доколку заеднички изгласаат одлука пред да биде донесен буџетот или да си скратат со наредниот ребаланс.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не сакаа да коментираат за намалување на трошоците.

Инаку, вкупниот буџет на Собранието изнесува 9,3 милиони евра, при што најголем дел од него отпаѓа на плати и дневници на пратеници, односно 5,2 милион евра. Од парите на Собранието 35.000 евра плус би се потрошиле и за нововработени 33 лица. На почетокот на годината во Собранието работеле 404, сега се 437.

Годинава зголемена е и ставката на Собранискиот канал за набавка на опрема и машини, од 50.000 на 340 илјади евра.

Парламентот во 2018 година предвидвидел и набавка на нови возила за што би се потрошиле околу 97 илјади евра.