Здружението „Бадникови поворки“ формиранo минатата година

Здружението „Бадникови поворки“ формиранo минатата година

Манифестацијата „Бадникови поворки“ предизвика големи реакции во јавноста и обвинувања дека во спрега со власта се прави нарушување на уставниот принцип на секуларноста. Од ова здружение велат дека тие повеќе години ги организирале бадниковите поворки, но според Централниот регистар тие барем официјално се формирани во февруари 2017 година.  Од здружението за „Макфакс“ велат дека тие не се поврзани со власта, ниту со која било партија. Шилегов, пак, иако првично изјави дека Градот Скопје излегол во пресрет на иницијативата со превоз на децата со автобуси, денеска кажа дека на организаторите ќе им биде испратена фактура за превозот што го добиле за манифестацијата. Иако институциите негираат државна поддршка за религиозната манифестација, на видеоспотот за песната „Вечниот бог“, која е направена од ова здружение, се појавува логото на македонската полиција.

„Сите на Христа да Му пееме, Он заради нас се воплоти; Свет, Свет, Свет си и Пресвет Господи; О, Дево, Мајко, Владичице, спаси ги христијаните; Свет, Свет, Свет си и Пресвет Господи; О, Дево, Мајко, Владичице, спаси ги христијаните; Свет, Свет, Свет си и Пресвет Господи.“

Ова се дел од стиховите на песната „Вечниот бог“, чиј видеоспот е објавен пред Нова година и направен како дел од манифестацијата „Бадникови поворки“ од здружението за возобновување на православните трациции „Бадникови поворки“ од Скопје.  Во песната, која е веќе многу популарна на „Јутјуб“ и има повеќе од 130 илјади прегледи, се појавуваат и познати македонски поп-пејачи. Песната и спотот се искористени како најава за големата манифестација што се случи во саботата, каде што илјадници дечиња излегоа на улиците за да пеат бадникови песни и некои од нив отидоа и во општините.

„Доживејте вистинска божикна радост, која ќе ве натера да извикате ХРИСТОС СЕ РОДИ! И ајде сите да ја научиме оваа најпопуларна православна божикна песна „Вечниот бог“ и да им се придружиме на бадниковите поворки во родниот град или на централната манифестација во Скопје, на кои учество ќе земат околу 7.000 дечиња, кои всушност ќе ја сочинуваат и најголемата коледарска дружина во Македонија, но и во православниот свет воопшто“, стои во најавата за настанот.

Логото на македонската полиција на спотот на „Вечниот бог“

Интересно е што на крајот на спотот на оваа песна се појавува и едно лого од страна на институциите. Се работи за логото на македонската полиција, кое може да се види меѓу поддржувачите на иницијативата на здружението „Бадникови поворки“. Од Министерството за внатрешни работи за „Макфакс“ велат дека тие не знаат како се нашло нивното лого меѓу поддржувачите на религиозната иницијатива.

„МВР нема дадено никакви финансиски средства или спонзорство, сè што имаме направено е обезбедување на манифестацијата. Претпоставувам дека логото е ставено од некаква благодарност за обезбедувањето на настанот, немаме давано никакви пари за иницијативата“, вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Но, оваа „случајност“ со појавувањето на логото на МВР не беше единствена каде што државата се измеша со религиозните празнувања и традиции. Во јавноста неколкупати беше повторувано дека ЈСП и Градот Скопје се приклучиле со поддршка со обезбедување превоз за децата што се дел од манифестацијата. Вчера на социјалните мрежи се ширеше и слика од повик наводно испратен од општинските служби во Кисела Вода, во кој се даваат насоки за манифестацијата и учеството во неа.

„Во насока на достојно одбележување на божикните празници, Општина Кисела Вода, во соработка со основните училишта што егзистираат на нејзината територија, ќе земе учество во традиционалната манифестација „Бадникови поворки“, која на Бадник во претпладневните часови ќе се одржува во сите градови во Македонија, а во чие одбележување ќе бидат вклучени и сите скопски општини“, се вели во текстот.

Денеска со реакција се огласи и Министерството за образование и наука, од каде што соопштија дека заради расчистување какво било сомневање за прекршување на законските одредби од областа на образованието, во текот на утрешниот ден ќе побараат од Државниот просветен инспекторат да ги испита сите индиции за евентуално верско организирање и дејствување во училиштата.

„Воедно, напоменуваме и дека вршењето инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат беше невозможно во изминативе неколку дена, со оглед на тоа што, покрај учениците кои се на зимски распуст, и вработените во училиштата се ослободени од активности до 9.1.2018 година“, велат од МОН.

Тие информираа дека од нив не била побарана ниту, пак, дале  согласност за преземање какви било активности во училиштата за подготовка или организирање на учениците за учество во овие манифестации во текот на првото полугодие од оваа учебна година.

Најмногу реакции на социјалните мрежи предизвикаа видеата од децата кои пееја бадникови песни пред градоначалниците. Општина Карпош, на пример, објави видео од изјавата на градоначалникот Стефан Богоев и неговата средба со дечињата и родителите.

„Општина Карпош денеска се приклучи на големото празнување на големиот христијански празник Бадник. Оваа година имаше можност нашите најмали карпошанчиња од основните училишта, оние што се заинтересирани, да бидат дел од овој голем настан. Ние пречекуваме 150 млади карпошани од основните училишта, кои потоа организирано ќе се упатат до „Сити мол“, а потоа во центарот на градот, каде што заедно со другите дечиња од другите општини ќе бидат дел од одбележувањето на овој голем христијански празник“, изјави Богоев. Од Општина Центар, пак, се огласија преку медиумите дека децата по своја желба му пееле песни на градоначалникот Саша Богдановиќ.

„Бадникови поворки“: Немаме поддршка од власта, ниту од некоја партија

Здружението „Бадникови поворки“, според податоците од Централниот регистар, е основано во февруари 2017 година во Скопје, а негов претседател е Милан Копчаревски од Скопје.

Копчаревски за „Макфакс“ вели дека тие немаат никакви врски со партиите или власта и дека не знае зошто во јавноста се појавиле толку негативни реакции за нивната манифестација. Според него, децата не пееле песни само кај градоначалниците, туку и на многу други места.

„Коледе е навестување на Христовото раѓање, дечињата одеа по куќите, по болниците, а општините се институции што работат за народот, дечињата одеа и на други места. Дечињата беа во општини каде што имаше градоначалници од две партии. Градоначалниците со писмо ги замоливме да ги отворат вратите на општините за, освен на другите места, децата да поминат и таму“, вели Копчаревски.

Според него, манифестацијата се финансирала со спонзори од фирми, а тие самите ги подготвувале пакетчињата.

„Немаме никакви конекции со власта, имаме согласност од сите родители, сè беше доброволно. Од МПЦ побаравме поддршка, ова е граѓанска иницијатива, но побаравме благослов од црквата за настанот и архиепископот да ги поздрави присустните“, вели тој.

Дел од здружението е и струмичанката Марија Саздева, која вели дека тие испратиле молба до општините да ги отворат вратите за да дојдат група деца и да ги испеат бадниковите песни. Таа, освен што е активна во ова здружение, работи и во телевизијата „Канал 5“ и негира каква било поврзаност со некоја партија.

„Луѓето сами се пријавуваа за да учествуваат во манифестацијата, самите родители се пријавуваа и бевме организирани во 25 града. Имавме согласност од сите родители за учеството на децата. Ние веќе неколку години по ред ја организираме акцијата“, вели Саздева.

На прашањето зошто одлучиле да ги вклучат и политичарите во манифестацијата и зошто имало потреба децата да пеат бадникови песни во дворовите на општините и кај градоначалниците, таа вели дека не гледа проблем во ваквиот чекор.

„Не се вклучени политичарите, ние не одиме пред централен комитет на некоја партија, одиме кај првиот човек во општината. Кој ги ограничува коледарите каде да запеат? Ние само ги известивме дека ќе дојдат и пративме замолница до општините да ги отворат своите врати. Испративме и барање до МВР да бидат обезбедувани улиците, тие да се погрижат за јавниот ред и мир, и барање до ЈСП за бесллатен превоз на децата низ Скопје, од општините до центарот на градот“, вели Саздева за „Макфакс“.

Според неа, здружението ја финансирало акцијата со поддршка од членовите и со донации од македонски компании.

По реакциите, на бадникарите ќе им стигне фактура за превозот од ЈСП

Иако вчера градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, рече дека Градот Скопје излегол во пресрет на иницијативата со превоз на децата со автобуси, денеска по реакциите во јавноста за мешање на државата и религијата, тој имаше поинаква изјава.

„Градот Скопје нема никакви ингеренции во основните училишта. Споменатото здружение се обрати до Град Скопје со две барања. Едното беше да ги примам децата како градоначалник на пеење коледарски песни и второто беше да ставиме на располагање дел од капацитетите на Градот мислејќи на ЈСП. Како градоначалник на Скопје сметав дека не е во ред да примам деца и тоа не го направив. Како градоначалник сметав дека градот има капацитет и даде на располагање дел од автобусите, кои во текот на утрешниот ден ќе бидат преброени и ќе ѝ бидат фактурирани на организацијата или, пак, на барателите на автобусите. Со ништо не беше нарушен уставниот принцип на секуларноста“, изјави денеска Шилегов.

Партиите продолжуваат да кокетираат со религијата

Политикологот Соња Стојадиновиќ вели дека примерот со бадниковите поворки покажува дека во Македонија речиси не постои партија што не кокетира со верските институции.

„Немаме ниту албанска, турска или ромска партија што нема да кокетира зо ИВЗ ниту, пак, македонска партија што нема да кокетира со МПЦ. Праксата на вакви масовни прослави на верски празници со злоупотреба на децата ја воспостави ДПМНЕ, само сетете се на децата во Битола од основно училиште кои одеа на улиците облечени како ангелчиња. СДСМ нема намера да ја прекине за да задржи мир меѓу луѓето.

Кај нас религиозноста кај граѓаните се постави речиси на агресивно ниво и секое потсетување дека сме секуларна држава како што се дочекуваше на нож во времето на ДПМНЕ, така е и сега. Проблемот го прават квазирелигиозните граѓани, кои наеднаш се освестија и станаа големи верници, без толеранција за што и да било поинаку околу себе. Единствен светол пример беше одлуката на градоначалникот на Прилеп, кој одби да го поддржи маршот на Бадник и се повика на секуларноста на државата. Тој треба да биде пример за следење“, вели Стојадиновиќ.

Кристина Озимец