Во Охрид зима среде лето, претставите на Охридско лето се преселија на затворени сцени

Во Охрид зима среде лето, претставите на Охридско лето се преселија на затворени сцени

Зима среде лето! Уште тоа ни недостигаше по едномесечното тресење на земјата – ова се најчестите коментари меѓу охриѓани, особено оние што издаваат станови и соби лете, откако ноќеска температурата се симна под десеттиот степен.

Утрово и цело претпладне беше ладно. Сликата на крајезерското шеталиште оддаваше впечаток како да сме влезени длабоко во есен. Шетачите се во топла облека, кејот е слободен за велосипедите-чези, кајчарите без работа, сите бродови се закотвени.

Фоторепортерот на „Макфакс“ забележа како само двајца млади скопјани му пркосат на ладното време скокајќи во водите на езерото.

Поради временските непогоди невообичаени за овој период од годината, ниските температури, ветерот и можноста за врнежи од дожд, дојде и до првите преселувања на претставите од фестивалот Охридско лето – од отворени на затворени сцени.

Театарската претстава „Име“ на НУ „Театар комедија“ од Скопје,  која беше закажана за утре во 22.30 часот во предворјето на црквата „Св. Софија“, ќе се игра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.

В.М.