Златко Марин: Сè повеќе депонии откако Коневски управува со Аеродром

Златко Марин: Сè повеќе депонии откако Коневски управува со Аеродром

Златко Марин, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Аеродром, порача денеска дека по осум години во кои Ивица Коневски е прв човек на општината бројот на депонии се зголемува место да се намалува.

„ Со години советничката група на СДСМ, но и многу граѓански организации апелираа до општината да ги исчисти овие депонии кои шират зарази и болести. По осум години власт на ВМРО-ДПМНЕ и Ивица Коневски, бројот на депонии се зголемува наместо да се намалува. Во моментов има пет вакви диви депонии и општината не презема ништо.Освен тоа, јавната хигиена по тротоарите, улиците и тревниците е на катастрофално лошо ниво. Граѓаните  ја посочуваат хигиената како еден од главните проблеми во општина Аеродром.

Факт е дека Коневски и ВМРО – ДПМНЕ не се грижат за ништо друго освен да профитираат од градежната експанзија и себепромоција преку скапи реклами платени од граѓаните. Ова по 15 октомври ќе се смени. Чиста општина и чиста животна средина ќе бидат меѓу главните приоритети на новата локална власт. Со низа инвестиции и промени во работењето ќе ја подобриме јавната хигиена во општината и ќе ја зачуваме животната средина.

Дел од приоритетните мерки на СДСМ за општина Аеродром се:

Оформување Комунално претпријатие во рамките на локалната самоуправа задолжено за хигиената во општината. Ова претпријатие ќе биде задолжено да ја одржува хигиената на улиците, тротоарите и просторот меѓу зградите.

Зголемување на ефективноста и ефикасноста на работата на постоечките служби преку намалување на обемот на нивната работа. Во овој момент службите не можат да постигнат поради лошата организација и планирање на работата.

Трајно решавање на проблемот со депониите без разлика дали се наоѓаат на приватни или јавни површини.Општината се правда дека нема ингеренции за чистење на приватните парцели, но тоа не е вистина. Новата власт ќе ги чисти сите површини на територија на општина Аеродром.

Поставување нови подземни контејнери и контејнери за селективен отпад. Санација, како и редовно чистење на Усјанскиот Канал.

Аеродром заслужува нова локална власт којашто ќе работи домаќински, одговорно и во интерес на граѓаните, а не како досега во интерес на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски“, порача Златко Марин.