„Златна петорка“ на Тренчовски со награда во Перуџа

„Златна петорка“ на Тренчовски со награда во Перуџа

На тукушто завршениот филмски фестивал во Перуџа, кој се одржа од 1 до 7 мај, македонскиот игран филм „Златна петорка“, во режија на Горан Тренчовски, ја освои наградата за најдобар странски филм „Златен грифон“.
„Перуџа лав филм фестивал“ е нов независен интернационален филмски фестивал во Италија, кој третира теми поврзани со љубовта. „Златна петорка” уште еднаш ги освои срцата на публиката, а во италијанските медиуми филмот беше претставен како носталгична љубовна приказна која низ судбината на ликовите ги опишува пожртвуваноста и копнежот на младите од Македонија во 50-тите години од минатиот век.
Приказната на филмот почнува помеѓу верните другари Маки, Ката и Џиџи, кои веруваат во своите младешки идеали, сè до моментот кога се случува неразјаснетото убиство на петтемина прогресивни струмички студенти. Половина век подоцна, Алавантие, како сведок и истражувач, се враќа во родниот град со копија од досието „Златна петорка“. Неговите тајни и сознанија внесуваат дополнителен немир во брачниот живот на веќе старите Ката и Џиџи.
Сценариото за овој македонски филм е инспирирано по вистинит настан од 1951 и е работено по мотиви текстови на Братислав Ташковски. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажер Андрија Зафрановиќ, сценограф Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез. Улогите ги толкуваат Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Билјана Таневски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и др.
„Златна петорка“ е во продукција на „Револушн“ од Скопје и покрај фестивалот во Перуџа, филмот досега успешно е прикажан на фестивали во Лондон, Сиднеј, Торонто, Бенгалур и Москва каде неодамна доби специјална диплома од жирито. Кон крајот на месецот филмот ќе се прикаже на фестивалите за Југоисточна Европа во Берлин и Париз, а ќе следуваат и неколку регионални премиери, како и фестивалска промоција во САД.  крај/мф/