ЗНМ: Владата сака да биде главен уредник во медиумите

ЗНМ: Владата сака да биде главен уредник во медиумите

Владата предлага измени на членовите 61 и 145 од Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, со кои се предлагаат казни за медиумите што нема да почитуваат одредени етички правила кои се пропишани со законите, велат од Здружението на новинарите на Македонија за „Макфакс“.

Според информациите што ги добивме од ЗНМ, кое добил една верзија на предлог-законските измени што се подготвуваат на медиумските закони, Владата предлага да се промени членот 61, каде што е наведено дека радиодифузерите треба да почитуваат повеќе начела за објективно и професионално известување со зборовите дека се должни да ги почитуваат.

Истовремено, постои предлог да се менува и членот 145, кој сега ќе гласи:

„(1) Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако не ги почитува обврските од членот 61 од овој закон.
(2) Глоба во износ од 1.500 евра во денарска противредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице за сторениот прекршок од ставот 1 на овој член.“

Од ЗНМ за „Макфакс“ велат дека тие се загрижени во однос на овие измени бидејќи со членот 61 се регулираат повеќе етички правила. Некои од начелата што ги регулира овој член се:

„Негување и развој на хуманите и моралните вредности на човекот и заштита на приватноста и достоинството на личноста. Еднаквост на слободите и правата независно од полот, расата, националното, етничкото и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба на човекот и граѓанинот. Поттикнување на духот на толеранцијата, заемното почитување и разбирање меѓу индивидуите од различното етничко и културно потекло итн“.

Од ЗНМ денеска испратија и соопштение во кое тие информираат дека изразуваат загриженост од измените што се предлагаат и тоа го пренеле и до меѓународната заедница.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, денеска заедно со претставници на пет други граѓански организации имал средба со генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, кој престојува во дводневна посета на Македонија.

„Во врска со измените на медиумските закони, Селмани рече дека дебатата наместо да го подобри текстот на законот, тој се влошува. За ЗНМ е апсолутно неприфатлива идејата на Владата да ја регулира медиумската содржина. „Тоа е во спротивност со најдобрите практики во европските демократии“, рече Селмани. Тој рече дека наметнувањето парична глоба за начинот на известување на новинарите покажува дека Владата сака да ја игра улогата на главен и одговорен уредник на медиумите. Според него, Владата досега не покажала желба за вистинска дебата со аргументи за моделот за финансирање на Македонската радио-телевизија. Ако Владата однапред знае дека за МРТ треба да се одвојат само 0,7 проценти од буџетот на државата, тогаш за што служи дебатата за законот, праша Селмани“, се вели во соопштението.

Влада: Нема рестриктивни одредби во предложените законски измени

Предложениот текст за измени на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги не содржи рестриктивни одредби во однос на уредувачката политика или начинот на известување на медиумите, велат од Владата за „Макфакс“.

„Јавната дебата во однос на измените во Законот за аудио и аудиовизуелните услуги е отворена и в понеделник на 20 ноември ќе се одржи јавна средба на сите засегнати страни инволвирани во процесот.
Основна цел на предложените измени на законското решение е да се овозможи професионализација и департизирање на регулаторното тело Агенција за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, како и на јавниот сервис МРТ“, велат од Владата за обвинувањата што дојдоа од ЗНМ за предложените измени на медиумските закони.

Кристина Озимец