Иванов: Спортот придонесува за помирување и сплотување на луѓето

Иванов: Спортот придонесува за помирување и сплотување на луѓето

Спортот е фактор кој придонесува не само за помирување туку за постигнување на оние вредности што се неопходни за едно општество да гради здраво поколение бидејќи младите се тие на кои најмногу им е потребно она што го нуди спортот – натпревар и градење здрави луѓе во здраво општество, кое ќе биде едноставно посветено на мирот и на просперитетот, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој денеска во Монако учествува на 10. меѓународен форум „Мир и спорт“, што се одржува под покровителство на принцот Алберт Втори.

Иванов изјави дека на форумот се разговарало за улогата на спортот за поттикнување на мирот, сплотување на луѓето и надминување на предизвиците од денешницата.

„Со моќта на иновативноста и креативноста треба да се постигне помирување во конфликтните региони, но и да се постигне инклузија во општеството, со вклучување на сите добри практики и искуства од спортот во секојдневниот живот“, изјави Иванов.

Посочи дека овие меѓународни форуми придонесуваат во изнаоѓање решенија за глобалните проблеми и предизвици и ја истакна потребата од иновативност и креативност во спортот.

Ова е трето учество на претседателот на меѓународниот форум „Мир и спорт“. Во 2012 година во рамките на форумот одржан во Сочи, основачот и претседател на меѓународната организација „Мир и спорт“, Жоел Бузу, на Иванов му додели посебно признание за неговите заложби за промоција и унапредување на мирот преку спортот.

Десетгодишнината од меѓународниот форум „Мир и спорт“ во Монако се одбележува во присуство на речиси 500 претставници од држави од сите континенти, нобеловци, луѓе од спортот, од политиката, од бизнисот, невладиниот сектор. Темата на годинешното јубилејно одржување на форумот е „Иновации во спортот во функција на општествена трансформација“.

Иванов во рамките на учеството на меѓународниот форум „Мир и спорт“ ќе оствари билатерална средба со принцот на Монако, Алберт Втори.