Идентификуван убиецот што застрела момче во Чаир, МВР распиша потерница по него

Идентификуван убиецот што застрела момче во Чаир, МВР распиша потерница по него

Полицијата го идентификува убиецот што застрела момче во Чаир во декември минатата година. Според информациите на МВР, по него е распишана потерница.

Секторот за внатрешни работи – Скопје, по преземени мерки и активности во минатите два месеца, денеска поднесе кривична пријава против О.А. (28) од Скопје поради основи на сомнение дека извршил кривично дело убиство.

На 20 декември минатата година околу 17.30 часот на улицата Џон Кенеди во скопски Чаир пријавениот со автоматска пушка „АК 47“ истрелал повеќе проектили кон  Б.И. (24) од Скопје, кој подоцна истиот ден од добиените повреди починал на Ургентниот центар „Мајка Тереза“.

„Според документираните сознанија, пред кривично-правниот настан Б.И. имал претходен договор со свои тројца другари да се сретнат на автобуска постојка на улицата Џон Кенеди. Кога пристигнале на договореното место, почнале да разговараат, при што по неколку минути на истата улица, но од спротивната страна на коловозната лента, пред браварска работилница застанало патничко моторно возило ‘југо’ во црвена боја и од него излегол О.А. ,кој во рацете држел автоматска пушка. Претрчувајќи ја коловозната лента, пријавениот се приближил до лицата и без никакво предупредување почнал да пука во правец на Б.И., кој од добиените повреди паднал на земјата крвавејќи. По ова, пријавениот се вратил во возилото ‘југо’ и заминал од местото на настанот“, велат од МВР.

Од таму додаваат дека „југото“ било пронајдено неколку часа по убиството и дека биле обезбедени видеоснимки од поставени видеонадзори во близина на местото на настанот. На информативни разговори во полиција биле повикани триесетина лица. На 27 декември биле извршени претреси во домот и други простории кај пријавениот О.А. на улицата Џон Кенеди, како и кај други пет лица, сите од Скопје, при што одземени се два мобилни телефонски апарата, кои по наредба од Основно јавно обвинителство Скопје – Скопје се доставени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, а било извршено и полиграфско тестирање на три лица.

Од МВР информираат дека пријавениот О.А не им е достапен на органите на прогонот и за него од страна СВР- Скопје распишана е потерница.