Изменет сообраќаен режим поради Задушница кон гробиштата во Скопје

Изменет сообраќаен режим поради Задушница кон гробиштата во Скопје

По повод верскиот празник Задушница, МВР извести дека утре и задутре, 10 и 11 февруари, во периодот од 6-16 часот на гробиштата во Бутел, во Камник и во Ѓорче Петров, каде што се очекува големо присуство на верници и зголемен интензитет на сообраќајот, од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во посочените реони.

„При тоа ги информираме граѓаните дека поради изведување градежни работи на ул. Александар Урдаревски, во реонот на гробиштата Бутел, коишто сè уште траат – идентично како и во ноември минатата година – дел од оваа улица ќе биде забранет за сообраќај“, велат од МВР.

Сообраќајниот режим на движење на возилата ќе се одвива по улица Боца Иванова во правец од кружниот тек на ул. Александар Урдаревски кон пристапните влезови на гробишта Бутел, а излезот ќе се одвива по ул. Боца Иванова, лево, по ул. Александар Урдаревски, кон клучка „Мирковци“.

По потреба сообраќајот ќе биде пренасочен и на гробишта Ѓорче Петров по улица Црногорска, а на гробишта Камник по улица Јужноморавски бригади со улица Роман Каскалиевиќ.

МВР апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај.