Илјадници Норвежани потпишаа петиција против „Нетфликс“ за филмот за Брејвик

Илјадници Норвежани потпишаа петиција против „Нетфликс“ за филмот за Брејвик

Илјадници Норвежани ја потпишаа петицијата против филмот за убиецот Андерс Брејвик.

Додека Норвешка се подготвува од островот Утоја да направи меморијален центар, американскиот гигант „Нетфликс“ планира да сними филм за грозоморниот масакр.

Две недели откако Вегард Локен ја лансира петицијата „Без филм за Андерс Брејвик“ десетици илјади Норвежани ја потпишале.

„Веќе потрошивме премногу круни за будалата. Премногу е рано да се снима филм за него затоа што раните сè уште се живи“, рекол Локен додавајќи дека најдобро е да поминат 40 или 50 години пред некој да се осмели да сними филм за Брејвик.

Уни Еспеланд Маркусен, една од преживеаните, не се согласува со него и вели дека сега е вистински момент за тоа.

„Ова е филм што на вистински начин ќе прикаже дека демократијата успеа и ќе покаже какви се последиците од десничарскиот екстремизам. Мислам дека ова е многу важен филм. Без разлика дали ќе биде филм или претстава, за мене не е рано“, рекла таа.

Филмот ќе се базира на книгата на Аснe Сиерстад, One of us, но сè уште е во фаза на рана продукција. Единствено што е познато е дека улогата на Брејвик би ја играл Андерс Даниелсен Лај.

„Нетфликс“ објави соопштение во кое наведува дека филмот ќе се состои од три приказни – како преживеаните му се вратиле на нормалниот живот, како тогашната власт реагирала на најголемиот шок во норвешката историја, но и напорите на адвокатите на Брејвик да му обезбедат фер судење.

Проектот што ќе чини два милиона долари има поддршка од Норвешкиот филмски институт, а снимањето ќе почне за неколку недели во градот Нотерој. И оваа одлука предизвика полемики имајќи предвид дека во овој град живеат роднини на Брејвик.

Во 2011 година Брејвик, облечен како полицаец, уби 69 луѓе, од кои повеќето тинејџери во младински камп на Лабуристичката партија на островот Утоја. Претходно тој уби осум луѓе во бомбашки напад пред владината зграда во Осло.