Инспекторатот за животна средина издаде забрана за работа на ЕЛЕМ на жичницата на Попова Шапка

Инспекторатот за животна средина издаде забрана за работа на ЕЛЕМ на жичницата на Попова Шапка

Државниот инспекторат за животна средина издаде решение со кое им забранува на ЕЛЕМ и на фирмата „Декон ком“ од Скопје да вршат градежни активности на шестоседната жичница на Попова Шапка. Забраната ќе трае 90 дена.

Од Инспекторатот наведуваат дека во јули минатата година бил извршен надзор на изградбата на шестоседната жичница, при што било утврдено оштетување на изворите на водоснабдување на Тетово. Тогаш ДИЖС издал забрана за градежни активности, а ЕЛЕМ извршила санација на местото. Овој месец Инспекторатот извршил надзор на самото место, при што било утврдено дека градежните активности продолжиле, а ДИЖС не бил известен за тоа. На самото место била затечена и фирмата „Декон ком“ од Скопје, која немала документација.

„На 21.7.2016 година Државниот инспекторат за животна средина изврши надзор на локалитет Попова Шапка, Тетово, во согласност со пристигнат елаборат за животна средина, кој се однесуваше на изградба на шестоседна жичница од страна на ЕЛЕМ АД Скопје. При надзорот се изготви записник за констатација и беше утврдено оштетување на изворите на водоснабдување на градот Тетово. Веднаш се издаде решение за забрана на сите активности до изнаоѓање соодветно техничко решение, а во меѓувреме редовно да се известува ДИЖС за сите преземени активности. Од страна на ЕЛЕМ АД Скопје е извршена санација на местото, а потоа не се преземаа никакви дејства“, се вели во соопштението на Инспекторатот.

На 5 октомври, додаваат од ДИЖС, при инспекциски надзор е утврдено дека е поместено предвиденото место за приемната станица на жичницата, а воопшто ДИЖС не бил писмено информиран за преземените активности.

„ДИЖС побара документација, нова дозвола за градба, измена на елаборатот за животна средина и мислење од страна на МЖСПП, кои не беа презентирани при надзорот. На 6.10.2017 година при повторен надзор затечена е на самото место фирмата ‘Декон ком’ од Скопје, која не поседуваше соодветна документација. Државниот инспекторат за животна средина издаде решение со забрана за работа за ЕЛЕМ АД Скопје и за фирмата ‘Декон ком’ од Скопје за вршење секакви градежни активности во законски максимален рок од 90 дена. Од Општина Тетово е добиен записник и негативно мислење за изведената градба“, соопшти Инспекторатот.

По законскиот рок, велат од таму, ќе биде извршен контролен надзор на тој локалитет.