Интервју со Шон Гарднер: Успехот на социјалните медиуми е комбинација од технологија и психологија

Интервју со Шон Гарднер: Успехот на социјалните медиуми е комбинација од технологија и психологија

Разговараше Бојан Стојковски

Социјалните медиуми, креативноста и иновациите во претприемништовото и стартапите беа дел од темите на кои Макфакс разговараше со Шон Гарднер и Микела Магеш, еден од клучните говорници на конференцијата посветена на технологија и стартапи насловена „Next Generation”, организирана од страна на Сеавус и Сеавус инкубатор.

 

Гарднер е рангиран од престижниот магазин Форбс како еден од највлијателните луѓе на социјалните медиуми, а во моментот е заменик-претседател на Комуникацискиот борд на Светскиот комуникациски форум, дел од Светскиот економски форум во Давос. За Макфакс раскажува околу неговите почетоци на социјалните медиуми и за тоа како успеал да стигне онамку каде што е сега.

 

„Рангирањето на Форбс е пред сè одраз на тоа што претходно го правев, односно филантропијата, придонесот за општеството и луѓето, тоа што ги запознавав луѓето едни со други, и на тој начин сметам дека може да се направи една голема инфраструктура на поддршка. Во поглед на социјалните медиуми, сметам дека во моментот недостасуваат две работи, а една од нив е изразувањето благодарност, а исто  така тука се и изнаоѓањето начини како да им помогнете на луѓето“, раскажува Гарднер.

 

Според него, за успехот на содржината којашто се создава и пласира на социјалните медиуми, важни се неколку работи. „Содржината што ја создавам на социјалните медиуми е сочинета од три работи, таа е информативна, инспиративна и аспиративна. Кога ја имате информацијата, кога сте инспириран да им помогнете на луѓето, тоа има голем ефект врз работите кои сакате да ги направите. Ова е нешто на кое милион луѓе секојдневно се сведоци и гледаат што работам, и не би променил ништо од тоа“, вели тој.

 

Перцепцијата на Гарднер околу моќта на социјалните медиуми се состои во тоа што тие функционираат како мост за поврзување на нивните корисници. „Социјалните медиуми се мост, на пример ако имате одреден успех на социјалните медиуми, наверојатно ќе учествувате како говорник на 7 до 10 конференции годишно, само поради тоа што луѓето знаат кој сте, можеби не знаат точно е вашата работа, но гледаат дека луѓето го споделуваат тоа што го работите, и тоа значи дека некој друг ќе го забележи тоа. Користите хаштази, комуницирате со многу луѓе, но мора да постои и некое ниво каде што луѓето во живо ќе прераскажат за тоа што го работите и кој сте“, потенцира тој.

 

На конференцијата „Next Generation“ Гарднер ќе се осврне на неколку важни аспекти околу тоа како може да се постигне успех на социјалните медиуми, првиот е дека социјалните медиуми се пред сèповеќе поврзани со психологијата отколку со технологијата.

 

„Доколку сфатите дека социјалните мрежи се повеќе околу тоа да се проучи однесувањето на луѓето и како тие меѓусебно се поврзуваат, како им поминува денот, сето тоа ќе ви донесе поголем успех отколку да проучувате апликации или дигитални платформи. Можете да зборувате околу тоа колку една дигитална платформа е одлична, но доколку не се поврзувате со вистинските луѓе кои ќе ви помогнат со вашиот стартап, треба да направите поинаква стратегија“, вели Гарднер во интервјуто за Макфакс./крај/мф/бс