Италијанскиот писател Клаудио Магрис прогласен за почесен член на ДПМ

Италијанскиот писател Клаудио Магрис прогласен за почесен член на ДПМ

Познатиот италијански писател Клаудио Магрис е прогласен за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Плакетата за почесен член на Клаудио Магрис ќе му ја предаде претседателот на ДПМн Веле Смилевскин на свеченоста што ќе се одржи на 16 ноември во 19 часот во салата на Македонската филхармонија во Скопје.

Одлуката на Друштвото на писателите на Македонија за прогласување на Клаудио Магрис за почесен член, еден од најголемите современи автори на италијанската и европската книжевност, е во знак на почит кон неговото значајно литературно дело и благодарност за творечките и духовни врски со македонската литература преку преводите на неговите дела објавени на македонски јазик. Од обемниот творечки опус на Клаудио Магрис, на македонски јазик се објавени книгите „Друго море“, во превод на Анастасија Ѓурчинова, „Микрокосмоси“ и „Запрена постапка“, во превод на Марија Грација Цветковска.

Клаудио Магрис е автор на дваесетина прозни и есеистички остварувања меѓу кои и на култниот роман „Дунав“. Делата на Магрис го поврзуваат личното искуство со колективната меморија, преку плодотворниот дијалог на културите и идентитетите кои опстојуваат на просторот помеѓу Средна Европа и Медитеранот.

Од утре до 17 ноември Клаудио Магрис ќе престојува во Скопје како учесник на манифестацијата „Недела на италинаската книга“ што се одржува во организација на Амбасадата на Италија во Скопје, Институтот „Данте Алигиери“ и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.