Италија забрани фашистички симболи

Италија забрани фашистички симболи

По низа инциденти, Застапничкиот дом на италијанскиот парламент прифати закон со кој се забранува јавно прикажување  фашистички и нацистички симболи. Според Законот, кој е усвоен доцна синоќа, се предвидува затворска казна од шест месеци до три години за фашистички или нацистички салутирања и поздравувања, продавање  фашистички и нацистички сувенири или ширење такви пропаганди на интернет. Пред да стапи на сила, Законот треба да помине во Сенатот.

Законот е усвоен по низа инциденти што се случија низ земјата. Меѓу повеќето случаи, како што пренесуваат италијанските медиуми, беше и тој кога во една слаткарница во јужна Италија на излогот беше рекламиран Хитлеровиот колач, додека неофашистичката партија „Форца Нова“ подготвувала прослава на 95-годишнината од Маршот на фашистите на Мусолини во Рим.

Авторот на Законот, застапникот на владејачката Демократска партија, Емануел Фијано,  смета дека Италија, по примерот на Германија, треба да се постави построго кон зголемената фашистичка и нацистичка носталгија.