ИФФК „Браќа Манаки“: Бараме извинување од Лабина Митевска, таа доби професионален третман

ИФФК „Браќа Манаки“: Бараме извинување од Лабина Митевска, таа доби професионален третман

(фото: пред фестивалската проекција на „Кога денот немаше име“ )

Во врска со пишувањата во медиумите за наводно лошиот однос кон екипата на филмот „Кога денот немаше име“ реагира Фестивалот „Браќа Манаки“ и во соопштение до медиумите образложи дека екипата од филмот „Кога денот немаше име“ била професионално пречекана од претставникот на сервисот за гости на Фестивалот, а потоа на вечерата за екипата и нивните гости била поздравена од уметничкиот директор на Фестивалот.

„Според желбите на екипата, тие беа сместени во хотелите што ги одбраа, го добија терминот за проба на филмот во часот што им одговараше, достојно беа претставени и пред и по проекцијата на филмот во големата сала на Центарот за култура во Битола и притоа добија две прес-конференции, првата на 29 септември со кинематограферката Ањес Годар, која беше кинематограферка и на филмот за затворање на фестивалот, поради нејзиниот скратен престој во Битола по нејзино барање, и втората прес-конференција на 30 септември со целата екипа на филмот“, се вели во соопштението.

Исто така, фестивалот испратил и посебно соопштение до медиумите со најава за македонската премиера на филмот со сите промотивни материјали испратени од продуцентската куќа на филмот „Кога денот немаше име“.

„Фестивалскиот тим на ‘Браќа Манаки’ кон екипата на филмот ‘Кога денот немаше име’ во текот на нивниот престој се однесуваше професионално и љубезно како кон сите поканети гости. Затоа сме изненадени од незадоволството искажано во медиумите од страна на продуцентката на овој филм со оглед на фактот што филмот имаше третман како и сите други филмови во главната програма на Фестивалот. Затоа, бараме јавно извинување за искажаните неверодостојни тврдења“.