И Израел сака да излезе од УНЕСКО

И Израел сака да излезе од УНЕСКО

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, вечерва му даде инструкции на Министерството за надворешни работи да подготви повлекување на земјата од УНЕСКО.

Израелскиот амбасадор во УНЕСКО, Кармел Шама-Хакоен, денеска рече дека и Израел, како САД, би требало да се повлече од УНЕСКО со оценка дека оваа организација дејствува против неговата земја.

„Во последните неколку години УНЕСКО се трансформираше во бизарна организација која го изгуби својот професионален пат поради политичките интереси на одредени земји“, рекол амбасадорот.

Тој додал дека негова лична препорака до премиерот Бенјамин Хетанјаху е да го следи примерот на САД и да се повлече од УНЕСКО.

„Влегуваме во нова ера во Обединетите нации, каде, кога практикуваме дискриминација против Израел, мора да ја платиме цената“, рекол Дани Данан, израелски амбасадор во ОН, поздравувајќи ја најавата за повлекување на САД од УНЕСКО.

Стејт департментот соопшти дека САД се повлекуваат од Организацијата на ОН за образование, наука и култура затоа што сметаат дека оваа организација е анти-израелска и поради потребата за нејзина темелна реформа.

Неименуван претставник од американската администрација рекол дека САД се особено незадоволни поради резолуцијата на УНЕСКО со која се негираат еврејските врски со светите места и во која Израел ја нарекува окупациска сила.