Казни за фирмите загадувачи во Струмица

Казни за фирмите загадувачи во Струмица

Инспекциските служби во Струмица кај повеќе фирми откриле прекршувања на законската регулатива за заштита на животната средина. Некои од струмичките стопански субјекти користеле недозволени енергенти за огрев кои придонесувале за зголемување на аерозагадувањето и против нив се поведени управно-инспекциски постапки.

„Овластените инспектори, во согласност со своите надлежности од Законот за животната средина и Законот за управување со отпадот, како и Законот за јавната чистота, спроведоа повеќе инспекциски контроли, при што кај неколку субјекти се констатирани неправилности при користење недозволени енергенти за огрев, што придонесува за зголемено аерозагадување и загрозување на животната средина. Во согласност со споменатите закони, против овие субјекти се поведени управно-инспекциски постапки“, изјави за медиумите секретарот на Општината, Александар Оџаков.

Инспекциските контроли ќе продолжат и следната недела. Освен правните субјекти, ќе се контролираат и домаќинствата што се под сомневање дека користат иверица за загревање. Струмица за време на Божик, според мерната станица на Министерството за животна средина, поставена во струмичката болница, беше најзагаден град. Беа измерени концентрации 15 пати повеќе од дозволеното. Од Министерството информираа дека станува збор за пробни мерења и дека резултатите не се веродостојни.