Како се облекувате според хороскопот?

Како се облекувате според хороскопот?

ОВЕН

За овните се врзува елеганцијата и самоувереноста, а ја изразуваат на начин на кој тие се чувствуваат сигурни во себе. Без оглед на тоа дали ќе облечат нешто елегантно, спортско или формално – припадничките на овој знак секогаш ќе го носат со сигурност и самодоверба. Со боите и кроевите не експериментираат, туку сосема спротивното: се потпираат на провереното, и пред се’ удобното.

БИК

Практични се, ја сакаат едноставноста и класиката, како и сензуалните ткаенини. Прилично се конзервативни, па кога одат во шопинг купуваат само класични парчиња со кои е невозможно да се погреши. Нивни бои се: беж, сива, бела и црна.

БЛИЗНАЦИ

Љубопитни се, секогаш подготвени за патувања и нови авантури. Истото се однесува и на модниот свет – флертуваат со повеќе стилови. Бираат специфични и маркатни детали, најчесто во вид на модни аксесоари кои се издвојуваат и оставаат посебен впечаток. Дамите се одлучуваат за чанти или торби во неонски нијанси, големи ѓердани и обетки, како и блејзери со бохо дезени.

РАК

Припадничките на овој знак се прилично неприметни, а иако носат се’ што е модерно и ,,ин’’, сепак тоа е со доза на внимание. Секогаш се средени, но не премногу. Не сакаат да бидат претерано експонирани и коментирани во јавноста, па постојано се обидуваат да се уредни и средени, но ненаметливи. Дамите во овој знак бираат костуми со едноставен крој. Нивен избор се неутралните бои, во комбинација со фини детали што ќе им дадат допир на елеганција и префинетоста кон која се стремат.

ЛАВ

Креативни, горди, и пред се’ посебни. Лавовите ги води премисата дека доколку сакате да се чувствувате добро, тогаш мора и добро да изгледате, па се средуваат за секоја можна прилика, а не само оние кои го носат епитот ,,посебни’’. Сакаат да се ,,китат’’ со брендирани парчиња облека, но способни се и сосема обичната и секојдневна гардероба да ја направат скапоцена, давајќи и свој креативен потпис. Дамите во овој знак на себе имаат екстравагантни парчиња, како и впечатливи детали и ведри бои. Злато, сребро, бижутерија – лавот не пребира. Важно е добро да изгледа, но и секогаш да е во центар на вниманието.

ДЕВИЦА

Девицата е префинета, практична и организирана. Таа се чувствува убаво и пријатно само доколку се’ е на свое место. Многу се самокритични, па секогаш ги бираат до најситниот детал парчињата облека кои совршено им стојат, боите кои прилегаат на нивниот тен, како и ткаенини кои се удобни за носење. Девиците ги сакаат нежните нијанси на розова, сина, бледо жолта, но и беж, црната и сивата боја, а за гардеробата е пресудно воопшто да нема синтетика.

ВАГА

Вагите се уметнички души кои сакаат мирно опкружување околу себе, а не ги сакаат спротивставувањата и судирите, како во животот, така и во модата. Секогаш ги интересира туѓото мислење, па без оглед на тоа за која прилика се подготвуваат, тие мора да знаат што другите мислат, бидејќи најчесто се неодлучни и им треба совет. Во нивниот гардеробер ќе најдете убава и префинета, но и едноставна облека. Многу почесто се одлучуваат за маица и фармерки отколку за свечен фустан, освен кога приликата бара од нив да бидат подотерани – тогаш ќе дадат се’ од себе да бидат грациозни и да изгледаат совршено.

СКОРПИЈА

Скорпијата е суптилна, но драматична и сака внимание, особено во модата. Важно и’ е да има скапа и квалитетна гардероба, а истата ќе ја комбинира со едноставни и секојдневни парчиња облека кои ги поседува во сите бои. Припадничките на овој хороскопски знак секогаш сакаат добри чевли на потпетици и чанти. Што и да облечат, овие дами изгледаат добро, некогаш и препотентно, но никогаш не остануваат незабележани. Каде и да се појават оставаат впечаток, и најчесто е позитивен.

СТРЕЛЕЦ

Налик на лавовите, стрелците споделуваат слични модни карактеристики. Ентузијазмот, позитивната енергија и ведриот дух се нивните главни белези. Така е и со модата и стилот на облекување: стрелците сакаат бои (најмногу оние нијанси кои се јаки и интензивни), принтови (особено леопард принтот), но пред се’ сакаат внимание. Се забавуваат со се‘ што прават во животот, па и во комбинирањето на облеката.

ЈАРЕЦ

Оние кои се родени во овој знак ги сакаат сериозноста, мотивираноста и контролата. Само така се чувствуваат пријатно и на свој терен. Во тоа им помага и професионалната облека, која е на работ да биде конзервативна. Ретко излегуваат од рамките и ограничувањата кои си ги задале самите на себе. Црната, сивата и тегет сината се нивните бои, а доколку се одлучат за промени, тогаш со најмногу задоволство би ја додале и црвената боја, бидејќи ја покажува нивната скриена страст, наспроти студената надворешност.

ВОДОЛИЈА

И на најобичната комбинација мора да и дадат свој личен печат и да ја направат посебна. Секогаш изгледаат шик и средено, иако не ги следат трендовите. Не се потпираат на модните правила, туку испишуваат свои сопствени и цврсто се држат до нив, без оглед на тоа дали станува збор за облека за работа или, пак, излегување во ноќен клуб.

РИБИ

Завршниот збор и романтиката остануваат резервирани за припадничките на овој хороскопски знак. Исклучително чувствителни и нежни, рибите се романтични сонувачи кои што и да облечат изгледаат слатко и привлечно. Оваа сезона е во нивниот знак, бидејќи токму актуелниот боемски стил го одразува нивниот карактер. Цветните принтови, пастелните нијанси, многу белина и реси се заштитен знак за стилот на облекување, но и на комплетната личност на рибите.