Кандидатите за градоначалник на Скопје се обврзаа дека ќе го решат проблемот со загадувањето

Кандидатите за градоначалник на Скопје се обврзаа дека ќе го решат проблемот со загадувањето

По иницијатива на „О2 коалицијата“ за чист воздух, која подготви платформа со барања за чист воздух и остварување на правото за чиста животна средина, кандидатите за градоначалници на Скопје, Коце Трајановски од ВМРО – ДПМНЕ, Петре Шилегов од СДСМ, Марија Јонес од Левицата, Ванчо Шехтански од ТМРО, Нафије Селмани од Беса и Ѓорѓи Тодоров од НДМ, денеска истовремено потпишаа изјава со која ја прифаќаат платформата на граѓанската иницијатива и се обврзаа да го почитуваат јасно изразениот став на жителите на град Скопје.

Наим Бајрами од „Алијансата за Албанците“ и Беким Фазлиу од ДПА не успеаја да стигнат на заедничкото потпишување, но се обврзаа дека ќе ја стават официјално својата согласност до крајот на денот.

Некои од барањата на граѓанската иницијатива се: активно вклучување претставници од граѓанските иницијативи на граѓани во припрема на сите програми и стратегии за мерки против загадувањето; инспекција, интервенирање при зголемено загадување, горење отпад; ограничување или привремено запирање на градежните активности; да се стимулира греењето на гас.

– Задоволни сме што проблемот со загадениот воздух е централна тема во изборните програми на политичките партии и дека конечно гласот на граѓаните треба сериозно да биде земен предвид. Присуството на сите кандидати за прв човек на Скопје и зголемениот интерес за оваа тема во јавноста покажува дека, без оглед на тоа колку сите ние сме различни, со различни интереси, етничка, религиозна или политичка припадност, имаме заеднички проблем, на чие решавање мора заеднички да работиме. Очекуваме од идниот градоначалник на Скопје да ги вклучи граѓаните во процесот на носење на одлуките, особено кога тие се однесуваат на нашето здравје и квалитетот на живот – велат од „О2 коалицијата“.