Каракачанов ќе ни помага за членство во НАТО

Каракачанов ќе ни помага за членство во НАТО

Зајакнувањето на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија е од корист не само за двете земји туку и за регионот и за цела Европа – се согласија министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот бугарски колега Красимир Каракачанов на билатералната работна средба која се одржа по потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу двете земји. Шекеринска се заблагодари на брзата реакција на бугарската влада за понудената помош во хеликоптери за гасење на пожарите што ја зафатија Македонија.

„Тоа покажува дека добрите односи меѓу соседите секогаш се од корист за брзо решавање на кој било проблем“  – рече министерката Шекеринска.

Каракачанов рече дека Бугарија ги става на располагање сето свое искуство и контакти за побрз прием на Македонија во ЕУ и НАТО.

„Политиката на Бугарија секогаш била да ја поддржи државната независност на Македонија. Бугарија сака да ѝ помогне на Македонија. Контактите што ги создадовме на нашиот пат кон ЕУ и НАТО може да ви бидат многу полезни. Кога Бугарија, Грција, но и Македонија и сите држави од регионот ќе бидат дел од ЕУ проблемите ќе се решаваат полесно. За приемот на Македонија во НАТО ги нудиме нашата експертиза и совети“ –рече Каракачанов.

Министрите  за одбрана се договорија за засилена соработка, во поглед на обуките на припадниците на АРМ во Бугарија, како и военото образование и воено-медицинското усовршување.