(ВИДЕО) Катица Јанева: Панчевски треба да биде предмет на психијатриска опсервација

(ВИДЕО) Катица Јанева: Панчевски треба да биде предмет на психијатриска опсервација

Катица Јанева демантира дека бил одземен клуч од домот на експретседателот на кривичниот суд, Владимир Панчевски, при претрес на неговиот стан во предистражната постапка што се води за него.

„Не е одземен клучот од домот на Панчевски. Да појаснам, во моментот кога ние имавме наредба од судот да извршиме претрес во станот на Панчевски, немаше никаква потреба да земаме некакви работи. Можевме да земеме сè што е предмет на наредбата и сè е одземено со записник за претрес и тоа и го направивме. А тоа што тој го снимал својот стан треба да биде предмет на психијатриска опсервација“, рече Јанева.

Таа тврди дека истражителите не биле известени оти тој има видеонадзор во домот, а од нивна страна со помош на крим-полиција бил сниман претресот и во судот и во станот на Панчевски.

„Во многу ситуации кога нè напаѓале, секогаш повеќе сме се грижеле да си ја работиме работата и да ги оставиме работите сами да се средат. Се знае зошто влеговме во неговиот дом, за да провериме дали ја злоупотребил својата службена положба и овластувањето, односно дали одавал службена тајна. Тоа е важно прашање“, рече Јанева, која потврдува дека ќе се докаже оти не бил одземен никаков клуч и дека тие биле максимално професионални при претресот. Според Јанева, извршен е попис на сите одземени работи најдени кај Панчевски и ќе се прави анализа за да може предметот да премине во друга фаза.