Кежаровски до Заев: Посетете ги ќелиите во Шутка, јас молев да ме префрлат во Идризово

Кежаровски до Заев: Посетете ги ќелиите во Шутка, јас молев да ме префрлат во Идризово

Ви сугерирам час поскоро да ги видите и ќелиите во притворот во Шутка, јас молев да ме префрлат во Идризово зашто, верувајте, таму е подобро, порача новинарот Томислав Кежаровски по денешната изјава на премиерот Заев дека се срами што е премиер на земја со катастрофали услови во затворите, откако го посети затворот „Идризово“.

„Ги поздравувам Вашите настојувања да се подобрат условите во затворот во Идризово и уште повеќе најавата за Законот за амнестија. Но, Ви сугерирам час поскоро да ги видите ќелиите во притворот во Шутка. Да Ви ги отворат вратите од Ц-14, Ц19, Ц-28…Оти таму, Ве уверувам, е полошо од каде и да е. Немав привилегија да бидам во  попространите ќелии, во новиот дел. Во ‘Ц’ се сите кои требаше да бидат ‘скршени’.Некои попуштија пред притисоците и се спогодуваа со државата или кодошеа, некои останаа доследни на законот на молчење. Се гордеам, не затоа што бев во затвор туку затоа што припаѓам на овие вторите. Молев, верувајте ми, по изрекувањето на пресудата да ме префрлат во Идризово затоа што таму е подобро. Има сведоци за тоа. Докторот, психијатарот, чинам сè уште е таму, прашајте го. Седев пред него со допрени дланки како Господ, го молев да ми даде ‘препорака’ за во Идризово. За возврат му велев дека пред него ќе ги искинам сите докази што ги имам кои ја потврдуваат мојата невиност. Песна се слушаше од ќелиите само во два случаи, или ако ти почнува судењето (оти така ќе те носат таму од судница и назад и ќе можеш да видиш малку од светот) или ако ти стаса решение дека те носат на издржување на казната во Идризово. Ете толку г. Заев се лоши условите во притворот во Шутка, во озлогласениот ‘Ц’ ходник“, напиша Кежаровски.