Конкурс за урбана опрема во Скопје – Шилегов ги повика младите архитекти да му дадат нова димензија на градот

Конкурс за урбана опрема во Скопје – Шилегов ги повика младите архитекти да му дадат нова димензија на градот

Градот Скопје наредниве денови ќе распише конкурс за идејно решение за дизајн на урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци и заштитни столпчиња за зеленило. На презентацијата на конкурсот што денеска се одржа во просториите на Архитектонскиот факултет присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов и деканот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина.

„Идејното решение што му е потребно на Скопје опфаќа дизајн на клупа, корпа за отпадоци и заштитно столпче што ќе се поставуваат на јавни простори пред училишта, студентски домови, факултети, плоштади, како и на булевари, магистрални и собирни улици што се во надлежност на Градот. Во нашата заложба за одржлив урбан развој на Скопје влегуваме силно, посветено и транспарентно за да создадеме услови за унапредување на функционалноста и употребата на јавниот простор. Имајќи предвид дека градот Скопје го гледам како град за сите нас, сакам да потенцирам дека претстојниот конкурс ги отвора можностите и за искусните и за почетниците, за возрасните и за младите, за сите фактори  што можат, умеат и сакаат да придонесат да живееме во инспиративно и креативно заедничко Скопје“, рече градоначалникот Шилегов на денешната презентација на конкурсот.

Тој додаде дека оваа презентација не случајно се одржува во просториите на Архитектонскиот факултет, при што истакна дека на градот му е потребен поинаков модерен лик кој ќе се издигне над архитектонските и естетски обременувања што Скопје ги доживуваше во минатото.

„Сакам да истакнам дека ова симболично обраќање од тука треба да се сфати како охрабрување и поттикнување на студентите за што поактивно да се вклучат во давањето идеи за дизајн на урбаната опрема за потребите на Градот. Целта ни е да го зголемиме нивото на креативна конкурентност и да дадеме современа димензија на урбаниот стил на градот. Затоа, почитувани студенти, сега ја имате можноста директно да го креирате Скопје за сите нас, вашиот визионерски дух да го пресликате во нашето секојдневие, со вашиот креативен и уметнички капацитет да влијаете врз урбаниот развој на градот. Вие сте прогресивната сила на Скопје, затоа јас како градоначалник ве уверувам дека вашиот глас и визија нема да останат незабележани од оваа градска администрација“, нагласи Шилегов.

Конкурсот за идејно решение за дизајн на урбана опрема ќе биде јавно објавен и отворен за сите заинтересирани. Повикот ќе биде достапен и на интернет-страницата на Град Скопје и ќе трае 30 дена од официјалното објавување. Пријавувањето и добивањето на конкурсната документација ќе се врши преку адресата [email protected] Првата награда на овој конкурс е во вредност од 300 евра, а втората награда од 150 евра.