Концерти на саксофон квартетот „Сигнум“ и на „Гоце Стефкоски септет“ на Охридско лето

Концерти на саксофон квартетот „Сигнум“ и на „Гоце Стефкоски септет“ на Охридско лето

Со концертите на германскиот саксофон квартет „Сигнум“ во црквата „Света Софија“ и на „Гоце Стефкоски септетот“ на сцената Долни Сарај продолжува музичката програма на фестивалот Охридско лето.

Aмбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар, ќе присуствува на концертот на „Сигнум кавартет“, кој се одржува во рамките на Европската вечер на Охридско лето.

Европската вечер на Охридско лето започна да се организира во 2007 година со настапот на Барокниот оркестар на Европската Унија. Оттогаш, Делегацијата на ЕУ дава финансиска помош за учество на европски музичари на овој реномиран фестивал со цел да ја поддржи културната соработка и размена.

„Сигнум“ со сочинуваат четворица саксофонисти, четворица млади уметници за кои критиката вели дека во својата музика носат смеса на мажевност и сензитивност. Свирејќи главно без ноти пред себе, тие спонтано ѝсе наметнуваат на публиката во линија со самата музика што ја изведуваат. Нивната перфекција во изведбите се восприма како нешто очекувано…

Уметниците Блаж Кемперле, Ерик Нестлер, Алан Лужар и Гуерино Белароса го формираа „Сигнум“ во Келн во 2006 година. Тие се академски музичари дипломци на музичките универзитети во Келн, Виена и Амстердам, со многубројни награди и настапи на повеќе фестивали и престижни сцени во Европа.

На програмата на концертот кој ќе почне од 20.30 часот се дела на Равел, Шостакович, Гершвин, Барбр, Пјацола, Корија, Зарвос.

На сцената Долни Сарај со почеток од 22 часот во рамките на Охридско лето ќе се одржи концерт и на „Гоце Стевкоски септет“.

Гоце Стевковски важи за еден од најквалитетните и најбарани македонски тапанари и перкусионисти. Тој е познат по своите настапи со исклучителните уметници и бендови како Кирил Џајковски, „Леб и сол“, „Архангел“, „Ласт експедишн“, „Проект Жлуст“, ДНО, Никола Коџабашија, Бодан Арсовски и „Езгија“, „Шаревски квартет“, Зоран Маџиров и др. Неговиот прв албум со наслов „Седум приказни“ носи индивидуален стилски и музички печат, а е реализиран со некои од најквалитетните македонски џез-музичари: Крие Кузманов, Иван Иванов, Трајко Велков, Дамир Имери, Сашко Николовски, Александар Николов и Оскар Салас. Изданието е објавено од „Пасворд продукција“ и содржи седум композиции напишани од Стевковски.

Гоце Стевковски настапува на многубројни интернационални фестивали, меѓу кои „Егзит биар фест“ (Exit beer fest) и „Умбрија џез“ во Белград, „Грин фест“ во Инџија, на фестивали во Загреб, Париз, Италија, Канада и др. Учествува во повеќе работилници и проекти, театарски претстави и музика за филм.