Концерт на етносоставот „Езерки и 7/8“ во Тетово

Концерт на етносоставот „Езерки и 7/8“ во Тетово

Македонскиот етносостав „Езерки и 7/8“ од Загреб на 15 септември во Центарот за култура  „Иљо Антески – Смок“ во Тетово ќе одржат концерт со почеток во 19:30 часот.

Етногрупата „Езерки & 7/8“ е вокално инструментален состав кој во Загреб дејствува повеќе од 22 години, во рамки на Хрватско-македонско друштво Загреб, со цел зачувување на традиционалната македонска музика.

„Езерки“ е група од 15 жени кои пеат трогласно, а некои меѓу нив имаат и запазени соло точки за време на настапите. „7/8“, пак, е една навистина атипична формација на измешани генерации и профили, зачинета со неколку познати хрватски рокери и џезери. Бендот брои 6 постојани и 4-5 придружни членови и во него има неколку автентични македонски инструменти, како тапан и кавал, а остатокот се: хармоника, бас, гитара, виолина, саксофон и др.

„Езерки и 7/8“ се препознаваат како најважна трага на македонската музика надвор од Македонија што дава право да ја претставуваат македонската култура далеку од границите на нашата држава.

Македонскиот композитор Љубомир Бранѓолица во една пригодаза овој состав ќе рече: „До денеска не сум слушнал попрофесионална снимка и остварување од  кој било изведувачки ансамбл надвор од Македонија. ‘Езерки’ и 7/8’ можат да ја претставуваат Македонија на сите сцени во светот без страв. Нивното дело е карика во цврстиот синџир што го држи мостот помеѓу Македонија и Хрватска“.