Костадиновски и Кадриу избрани за судии во Уставен

Костадиновски и Кадриу избрани за судии во Уставен

Дарко Костадиновски e избран за нов уставен судија со 66 гласа за, без против и воздржани. Присутни во салата се 69 пратеници и Собранието има кворум за носење на законите. Освен Костадиновски, за судија во Уставниот суд е избран и Осман Кадриу.

Тој по свечената заклетва се заблагодари на Парламентот за довербата што му ја укажал со неговиот избор за уставен судија. Кадриу рече дека функцијата ќе ја извршува одговорно, согласно со принципите на правната држава.
„Покрај привилегиите што го има во битието на оваа функција, овде има компонента на одговорност. Тој мора да биде одговорен бидејќи вредностите на Уставниот суд се мошне значајни. Преку нив се остварува интересот на граѓаните, бидејќи се штити уставниот поредок, а со тоа се придонесува да се штити уставот на земјата. Ние како судии мора да дадеме придонес за ова. На прво место треба да се штити уставноста на земјата, посебно на оние земји кои сакат да бидат правни. Уставот е орган за дишење“, рече новиот уставен судија, Осман Кадриу.
Тој рече дека му е позната содржината и интервенциите во законот за јазиците. „Моето мислење како правник е дека овој закон е во духот на уставот и уставните норми. Прашањето на јазикот се гарантира со Устав. Со овој закон само се предвидува техниката, како албанскиот јазик да се имплементира“, рече тој.
Кадриу вели дека не може да каже што ќе биде со СЈО бидејќи тој е судија. Тој вели дека дополнително ќе види дали треба да се укине ова обвинителство.

Дарко Костадиновски е доктор на правни науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од областа на меѓународното право. Како предлог за уставен судија, Костадиновски доаѓа од местото државен советник за надворешна политика во кабинетот на претседателот на Република Македонија. Кардиу, пак, има повеќедецениски стаж во областа на правните науки како судија во Општинскиот суд во Кичево, член на Републичкиот судски совет и адвокат. Повеќе од десет години д-р Кадриу бил ангажиран како професор на Правниот факултет на државниот универзитет во Тетово во граѓанско-правната област.

Новоизбраните судии во Уставниот суд дадоа и свечена заклетва за совесно и достоинствено извршување на функциите.

К. Ландов