(Видео) Костовски: Не е време за воведување прогресивен данок

(Видео) Костовски: Не е време за воведување прогресивен данок

Сè уште не е време за воведување прогресивен данок, вели бизнисменот Трифун Костовски во интервју за „Макфакс“. Според него, Владата треба да направи опсежна анализа пред да одлучи да ја воведе даночната реформа за прогресивно оданочување.

– Ние не сме земја со голема даночна култура. Една работа што може да ѝ ја признам на претходната власт е тоа што го дисциплинираа местото и улогата на одговорност кон УЈП и втората е воведувањето на рамниот данок – тоа е наједноставен закон за нашата популација и најприфатлив е. При стапки што се прогресивни може да се злоупотребат, во кои капиталот може да најде фора пак да си го земе профитот. Според мене, сè уште не е време да се менува рамниот данок – вели Костовски.

Костовски во интервјуто зборува и за неговиот мандат како градоначалник на град Скопје. Тој предупредува дека мора да се спроведе добра инфраструктура со приоритет на проектите за чист воздух и чиста вода.

– Му порачувам на новиот градоначалник Петре Шилегов да се зафати со сериозни проекти, да ги испита подземните води, како се снабдува изворот Рашче. Во мое време, кога јас бев градоначалник, имаше 6-7 илјади септички јами околу Рашче. Денеска таа бројка не е под 25-30 илјади. Тој загаден дел од водата еден ќе дојде во допир со тие подземни води – предупредува Костовски и алармира дека неопходно е отстранување на азбестот од водоводната мрежа, мерки што не се презеле цели осум години.

Според него, потребни се поголема децентрализација и самостојност на локалната самоуправа, што, според Костовски, би можело да се реализира преку персоналниот данок кој во поголем процент би се слевал во локалната самоуправа. „Не смееме да дозволиме централната власт да биде стопан во локалната и се надевам дека тоа ќе го има предвид актуелниот премиер Зоран Заев, кој доаѓа токму од локалната власт“, вели поранешниот градски татко. Костовски во интервјуто зборува и за проектот „Скопје 2014“ , како и за неговото лично разочарување од едната и од другата власт што не презеле ништо за дозволата за обновување на „Кермес“.

Г.Н.Р