Кривична пријава за ексминистерот Миле Јанакиески

Кривична пријава за ексминистерот Миле Јанакиески

МВР поднесе кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување против ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Полициската станица Прилеп преку Основното јавно обвинителство – Прилеп до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Скопје поднесе кривична пријава против лицата М.Ј. (39) од Скопје, Д.Р. (64) од Прилеп, С.Т. (63) од Прилеп и В.Ј. (51) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, предвидено и казниво по чл. 353, ст. 1, 3 и 5 од Кривичниот законик на Република Македонија.

– Првопријавениот во временскиот период од 2007 до  2010 година, во својство на министер во владата на Република Македонија, ја злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што спротивно на одредбите предвидени во Законот за продажба на општествените станови, чл. 2 и 3, односно без одлука од Владата – како сопственик на становите бр. 16 и 12 лоцирани во т.н. пензионерска зграда во Прилеп, која се наоѓа на улицата Димо Наредникот бб, како овластен застапник на владата, склучил договори за купопродажба на предметните станови со лицата З.А. и Д.Р., кои лицата овие станови ги користеле врз основа на решенија издадени од некогашниот Сојуз на борците, како и Сојузот на пензионерите. Второпријавениот по занимање нотар, третопријавениот поранешен државен правобранител и четвртопријавената актуелен државен правобранител во својство на овластени лица кои требало да ги испитаат законитоста и дозволеноста на склучувањето на предметните договори не презеле мерки и пропуштиле надзор за заштита на државниот имот на Република Македонија, со што им овозможиле на овие лица да извршат откуп на становите по повластени цени и на тој начин го оштетиле буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 2.595.976,оо денари – информираат од МВР.