Кривична пријава за пет тинејџери што ограбувале продавници во Скопје

Кривична пријава за пет тинејџери што ограбувале продавници во Скопје

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Ф.Д. (19), С.Н. (18), А.М. (17), С.К. (18) и М.Џ. (18), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека во текот на јануари и февруари годинава извршиле седум кривични дела разбојништво.

Првите две се случиле на 20 јануари во продавница на улицата Козле 1 во Скопје, каде што со закана со бејзбол-палка и нож од вработените го одзеле дневниот промет од 16.500 денари, а втората во маркет на улицата Рузвелтова во Скопје, каде што со закана со бејзбол-палка одзеле околу 30.000 денари и 30 кутии цигари.

На 29 јануари околу 21.55 часот во самопослуга на улицата 1 во Ново Село, Скопско, пријавените на идентичен начин од вработената го одзеле дневниот промет од 11.000 денари. Потоа, следниот ден околу 20.45 часот во продавница во село Радишани, Скопско, со закана со бејзбол-палка од вработената го одзеле дневниот промет од 26.000 денари. На 3 февруари околу 19.30 часот во минимаркет во селото Визбегово, Скопско, со закана со бејзбол-палка и нож од вработената го одзеле дневниот промет од 30.000 денари и неколку кутии цигари, а пет дена подоцна, односно на 8 февруари околу 20.30 часот извршиле разбоjништво во продавница на улицата Борис Сарафов, од каде што го одзеле дневниот промет во висина од 20.000 денари. На 10 февруари околу 18.30 часот во продавница во Радишани, Скопско, пријавените со закана со пиштол од вработената го одзеле дневниот промет од 20.000 денари.

На 11 февруари во 16.30 часот биле извршени претреси во домовите на Ф.Д., С.Н., А.М. и М.Џ. При претресите кај првите тројца биле пронајдени предмети од интерес на истрагата. Потоа, пријавените биле приведени и задржани во Полициската станица Карпош, каде што во службен разговор ги признале делата.