Ликовна колонија: Убавините на Преспа главен мотив

Ликовна колонија: Убавините на Преспа главен мотив

Прекрасниот планински предел кај крстот над селото Подмочани, од каде што цела Преспа се гледа како на дланка, денеска им е инспирација за творење и создавање уметнички дела на учесниците на третата по ред ликовна работилница во организација на Домот на културата „Драги Тозија“ од Ресен.

„Оваа работилница за нас како организатори има особено значење од повеќе аспекти. Тука ги промовираме и мотивираме да творат пред сè локалните уметници, чии дела ќе бидат претставени пред јавноста по завршувањето на работилницата. Другиот значаен момент е што токму со овие дела, поточно со изложбата која ќе се состои од тоа што ќе биде овде создадено, ќе биде отворен годинешниот ‘Преспански јаболкобер’. За важноста на оваа манифестација за целата Преспа не треба да се говори и токму затоа мотивот на учесниците да создадат и творат за својата Преспа е уште поголем“, рече директорот на Домот на културата, Васко Василевски.

На работилницата учествуваат 20-ина локални уметници-аматери, а работилницата е од отворен карактер. Делата од оваа ликовна работилница ќе бидат презентирани на изложба со која ќе започнат активностите на „Преспанскиот јаболкобер“ на 26 септември.