Мадуро сака разговор лице в лице со Доналд Трамп

Мадуро сака разговор лице в лице со Доналд Трамп

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, изјави дека сака да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп и со него да разговара директно – лице в лице.

Мадуро сака ваквата средба да се одржи во Њујорк идниот месец за време на заседанието на Генералното собрание на ОН.

– Ако толку многу се интересира за Венецуела, јас сум тука. Господине Доналд Трамп, еве ви ја мојата рака – изјави Мадуро во својот тричасовен говор обраќајќи му се директно на американскиот претседател.

Мадуро говореше пред своите приврзаници на отворањето на сесијата на новото уставотворно собрание, кое беше избрано и покрај силното противење на опозицијата.

Повеќе од 120 лица досега загинаа во судирите на улиците на Каракас и другите градови меѓу опозицијата и силите на редот.

Земјата богата со нафта е на работ од економски колапс и е длабоко поделена. Опозицијата имаше контрола над Конгресот на Венецуела избран на последните парламентарни избори, а владата, судството, полицијата и армијата се под контрола на Мадуро и неговата левичарска Социјалистичка партија.