МАИ: Годишната програма за проекти од областа на издаваштвото промовира нелојална конкуренција

МАИ: Годишната програма за проекти од областа на издаваштвото промовира нелојална конкуренција

Македонската асоцијација на издавачи реагира на објавената годишна програма за проекти од национален интерес во културата за 2018 година во областа на издаваштвото, која беше објавена во саботата. Од таму наведуваат дека недостига транспарентност и доследност во запазувањето на критериумите за избор на членовите на комисиите, како и конкретни критериуми за бодување на квалитетот на поднесените проекти.

Анализа на МАИ на поддржаните проекти

„Сметаме дека оваа годишна програма промовира нелојална конкуренција зашто се стимулира појава на непознати фирми што на сметка на издавачките куќи со долгогодишно реноме добија повеќе проекти на годишно ниво. Имено, ограничувањето на бројот на поднесени проекти на 10 доведе до формирање нови фирми со дејност издавање книги само за целите на конкурирање на годишната програма“, велат од МАИ.

Оттука, велат од таму, таквите фирми не можат да приложат соодветна референтна листа на издадени публикации како доказ за нивното искуство како издавачи. За компарација, велат од МАИ, издавач што постои повеќе од 10 години има добиено помалку проекти од новите издавачки куќи што се формирани минатата година.

Анализа на МАИ на поддржаните проекти

Во однос на распределбата на средствата, од МАИ наведуваат дека се забележува нерамномерно доделување средства, односно не се користени конкретни критериуми за определување на износот на финансирање – износите во поголем дел се паушални. На пример, како што се вели во реакцијата, може да се забележи дека износите доделени за превод на дело се поголеми од износите за авторски дела, што директно се коси со напорите да се поддржат македонските автори.

Исто така, се вели во реакцијата, соодносот на побараните и одобрените средства не е еднаков насекаде, односно некаде се одобрени сите побарани средства од страна на побарувачот, некаде е скратено 10%, некаде 30%, 50%, а некаде дури и 90%, со што е оневозможена реализацијата на проектот.

Анализа на МАИ на поддржаните проекти

Во програмата, според МАИ, меѓу недоследностите се и тоа дека на ист автор му се одобрени повеќе проекти (како преведувач и како автор, или како преведувач на две дела, и сл.), превод од посреден јазик, и покрај заложбите да не се поддржува ваков превод, поддршка на комерцијални изданија и покрај нагласувањето од страна на Министерството дека таквите проекти нема да бидат поддржани, односно селективност во поддршката на овие изданија, т.е. одобрени кај одредени издавачи и одбиени кај други, како и недоволен број поддржана детска литература.

Анализа на МАИ на поддржаните проекти

„Како заклучок, МАИ констатира дека годишната програма за проекти од национален интерес во културата за 2018 година во областа на издаваштвото не го зајакнува издавачкиот сектор и не промовира развој на дејноста, туку преку низа ограничувања поттикнува нелојална конкуренција и не гарантира квалитетна реализација на поддржаните дела и нивна достапност до читателите. И покрај позитивните напори и најави дека овој конкурс конечно ќе ги земе предвид забелешките од претходните години, сметаме дека тие не се спроведени правилно и правично“, велат од МАИ.