Македонија доби инвестициски грант од 70 милиони евра неповратна помош

Македонија доби инвестициски грант од 70 милиони евра неповратна помош

Претставници на Секретаријатот за европски прашања и Министерството за финансии учествуваа на Управувачкиот комитет на инструментот за инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF), на кој беа распределени 100 милиони евра како инвестициски грантови (неповратна помош) на земјите од Западен Балкан.

Од распределените 100 милиони евра, Македонија денес и формално доби одобрение на 68,6 милиони евра инвестициски грант – неповратна помош за проектот за рехабилитација на источниот дел од железничката пруга од Коридорот 8, и тоа за втората делница Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри. Оваа поддршка на Република Македонија ѝ е доделена во рамките на т.н. конективити-агенда од Берлинскиот процес, што беше најавена уште на самитот на земјите од Западен Балкан минатиот јули во Трст.

Дополнително, Комитетот го одобри и проектот за изработка на техничка документација за автопатот Стенковец – граничен премин Блаце во висина од 1.010.000 евра. Овие средства треба да се искористат за изработка на документација за инфраструктурен проект и основен проект за автопатско решение за државниот пат А4 како прва фаза за изградбата на автопатот што ќе го поврзе Скопје со косовската граница.

Македонија на последниот повик на WBIF во ноември поднесе барање за инвестициски грантови во рамките на овој инструмент и за уште два други проекта: проект за изградба на автопатска делница Кичево – Гостивар, грант за инвестиции и за техничка помош во вкупен износ од 20 милиони евра, кои би биле наменети за финансирање дел од градежните работи за патната делница Кичево – Гостивар (делот од Букојчани до Кичево); и проект за надградба и развој на патиштата Крива Паланка – граница со Бугарија, грант за инвестиции и за техничка помош во вкупен износ од 2,62 милиона евра, кои би биле наменети за финансирање дел од градежните работи за патната делница Крива Паланка – Деве Баир, како и за техничка помош. За овие проекти веќе се почнати преговори за заеми од ЕБОР, а распределбата на грантовите од страна на Управувачкиот комитет на WBIF за овие проекти ќе биде во јуни 2018 година.

„Регионот на Западен Балкан останува високо на агендата на Европската комисија за што на овој состанок и официјално се најавија два нови повика за аплицирање за инвестициски грантови во висина од 100 милиони евра и техничка помош во висина од 12 милиони евра. Повикот за инвестициски грантови за инфраструктурни проекти ќе биде отворен во текот на 2018“, соопштија од Секретаријатот за европски прашања.