Македонска комедија на Скопје филм фестивал

Македонска комедија на Скопје филм фестивал

Вечерва на програмата на Скопје филм фестивал е премиерата на новата македонска комедија „Ах љубов моја“ на Коле Ангеловски. 

Премиерната проекција ќе се одржи во киното Милениум, во 20,30 часот, а ќе присуствува и филмската екипа. Во главните улоги настапуваат Нина Деан, Атанас Атанасовски, Александар Микиќ, Соња Стамболџиева, Роберт Ристов, Жарко Димоски, Крсте Јовановски, Марија Кондовска, Ердоан Максут, Кристина Ласовска, Валентин Костадиновски, Ева Скендеровска, Едмонд Сотир, Андон Јовановски.
„Ах, љубов моја“ е приказна за позната поп пејачка Сузан, која по успешната турнеја низ Турција и емотивните проблеми предизвикани од раскинувањето на долгогодишната љубовна врска, доаѓа во еден хотел да се одмори во мир и тишина, далеку од јавноста и новинарите. Меѓутоа, во хотелот се појавува нејзиниот поранешен љубовник Селпин, кој сака да се збогува со неа, по што сè тргнува наопаку.


Во „Милениум“ започнува и ретроспективата на легендарниот режисер Стенли Кјубрик, со проекцијата на „Бери Линдон“ од 1975 година. Сторијата со Рајан O’Нил и Мариза Беренсон денес се смета за еден од најдобрите филмови на мајсторот. Тоа секако го има во секој кадар на филмот на Кјубрик: технички одличен, емотивно дистанциран, безмилосен во сомнежот во човечката добрина. „Бери Линдон“ е агресивен во својата студена дистанцираност. Бара од нас да останеме само набљудувачи на неговата раскошна елеганција. Многу од настаните се случуваат надвор од екранот, нараторот нè информира што ќе се случи, а ние многу пред крајот на филмот ќе дознаеме дека на херојот лошо му се пишува.


Во Кинотеката на Македонија со почеток од 19, 30 часот почнува новата детска програма „Креираме заедно“ релизирана како партнерство со Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје. Годинава, преку програмата „Креираме заедно“, за првпат во конципирањето на фестивалската програма  се вклучуваат и учениците со и без попреченост од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица. крај/мф