Македонска копродукција на црвениот тепих во Кан

Македонска копродукција на црвениот тепих во Кан

Филмот „Насоки“ на Стефан Командарев, со учество на македонската продуцентска куќа „Сектор филм“ односно продуцентите Владимир Анастасов и Ангела Несторовска е селектиран во „Извесен поглед“, втора по важност компептитивна програма.    

 

Филмот „Насоки“, работен по сценарио и во режија на Стефан Командарев, а во копродукција со „Сектор филм“  од Скопје, е селектиран во програмата „Извесен поглед“ на престојното издание на Канскиот филмски фестивал.

Ова е втората по важност компетитивна програма на престижниот фестивал во Кан, кој годинава слави 70 години од своето постоење.

За филмот да го изоди патот до црвениот тепих во Кан, заслужни се и македонската костимографка Жаклина Крстевска и потписникот на шминката Мартин Павловски.

Жанровски, „Насоки“ е драма, снимена на бугарски јазик. Инаку, Командарев е еден од водечките бугарски и европски режисери.

Филмот е поддржан од Македонската агенција за филм.

Оваа информација, беше проследена на денешната официјална прес конференција што се одржа во Кан, каде што официјално беше објавена севкупната програма на фестивалот.

Во конкуренција со филмот „Насоки“ се селектирани уште петнаесет филмски остварувања, меѓи кои на режисерите Мишел Франко, Куросава Кијоши, Анарита Замбрано.

Гламурозната церемонија на отворањето ќе се случи на 17 мај а до 28, истиот месец, ќе бидат прикажани 49 филмови од 29 земји, меѓу кои 12 режисери од понежниот пол.

„Златната палма“ може да отиде во рацете на еден од 18-те филмови во главната конкуренција, меѓу кои филмот на Софија Копола „Измамената“ , со Никол Кидман и Кирстен Данст, новите филмови на Франсоа Озон, Михел Ханеке, Фатих Акин.

(А.В)