Марин: Од 15 октомври општина Аеродром ќе биде отворена за сите

Марин: Од 15 октомври општина Аеродром ќе биде отворена за сите

Граѓаните ќе бидат вклучени во креирање на буџетот, во носењето одлуки и во контролата на власта. По победата на локалните избори општина Аеродром ќе биде отворена за сите. Заедно со граѓаните, ја создадовме и нашата програма за претстојните локални избори. На средбите со граѓани, во рамките на проектот „Мое Маало“, прецизиравме мерки предвидени конкретно за урбаните заедници Мичурин и Острово, рече кандидатот за градоначалник на општина Аеродром од редовите на СДСМ, Златко Марин.

– Мичурин ќе добие нова детска градинка, со што ќе се зголемат капацитетите и децата ќе добијат подобра грижа. Наш приоритет ќе бидат интересите на граѓаните, и ќе работиме проактивно за зачувување на јавниот ред и мир, особено околу угостителските објекти. Во Мичурин и Острово имаме предвидено низа сообраќајни решенија, за поголема безбедност и намалување на сообраќајниот метеж. Во соработка со Град Скопје ќе отвориме нови коридори за излез од општината, за да се намали теретот на булеварите „Јане Сандански“ и „Трета Македонска Бригада“ – рече Марин.

Тој додаде дека ќе се постави и соодветна сообраќајна сигнализација околу училиштата „Блаже Конески“ и „Браќа Миладиновци“.

– Предвидуваме обележана пешачка зона од ТЦ „Скопјанка“ до училиштето „Браќа Миладиновци“. Ќе отвориме нов пазар и ќе го вратиме во функција подземниот премин меѓу двете урбани заедници, под булеварот „Јане Сандански“.
По доаѓањето на новата локална самоуправа, предводена од СДСМ, ќе го вратиме квалитетот на живот во општина Аеродром. Ќе ги решиме инфраструктурните проблеми, и ќе обезбедиме пријатни детски градинки. Наша насока ќе бидат интересите на жителите на Аеродром. Јас, како градоначалник, секој ден ќе организирам отворени средби со граѓани. Од 15 октомври, воведуваме нов модел на отворена и услужна локална самоуправа – општина за сите – Нагласи Марин.