Место проектот „Град во град“, дупка на Гази Баба

Место проектот „Град во град“, дупка на Гази Баба

Борче Георгиевски, претседател на ОО СДСМ Гази Баба, го нарече тотален дебакл спектакуларно најавуваниот проект на општинските власти на Гази Баба за изградба на град во град на едно од најатрактивните земјишта во Скопје, во рамките на Скопски саем.

„Оваа огромна дупка позади нас, ископана пред десет години, сведочи за неспособноста и криминалот на градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, и неговите шефови Никола Груевски и Коце Трајановски. Благодарение на овие тројца проектот ‘Град во град’ заврши како проект ‘најголема дупка во градот’. Продолжената рака на Никола Груевски, Тони Трајковски, речиси една деценија  работеше спротивно на интересите на граѓаните и општината, а овој пропаднат проект е само мал доказ за неговата неспособност  и за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ.

На Гази Баба ѝ е потребна нова локална власт и затоа граѓаните на претстојните избори ќе го казнат неспособното и коруптивно владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Трајковски. Новата услужна, отчетна и  одговорна локална власт предводена од СДСМ ќе создаде реални услови на ова место да се изгради  комерцијален, финансиски и бизнис-центар, што воедно ќе претставува градежна и архитектонска атракција.

СДСМ на централно ниво покажа дека зборот е збор.  Тоа ќе се докаже и на локално ниво кога локалните власти ќе ги отворат институциите, ќе ја унапредуваат инфраструктурата и економскиот развој и ќе работат на подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани“, порача Георгиевски.