Министерот Бектеши на состанок на Светската туристичка организација во Кина

Министерот Бектеши на состанок на Светската туристичка организација во Кина

Во рамките на годишното Генерално собрание на Светската туристичка организација (СТООН), кое се одржува во градот Ченгду, министерот за економија, Крешник Бектеши, учествуваше во гласањето за нов генерален секретар и новиот управувачки одбор на организацијата што управува со туризмот на глобално ниво.

На 22. Генерално собрание на Светската туристичка организација, кое го отвори првиот човек на Ченгду, д-р Луончијанг, присуствуваа 70 министри одговорни за туризам од целиот свет. Д-р Луончијанг даде јасна порака дека туризмот е една од најважните индустрии во светот и дека со толку големо учество на министри од целиот свет се покажа дека владите се свесни за вредноста на туризмот како многу важна индустрија во економиите на државите и на светската економија  воопшто.

Министерот Бектеши во рамките на Годишното собрание се состана со повеќе колеги од регионот и светот со кои дискутира за правците на развој на туризмот на глобално ниво, за новите трендови и за подобрувањето на туристичките услуги, притоа претставувајќи ги туристичката понуда на Македонија и можностите за соработка во поглед на зголемување на бројот на туристи преку разните поволни  понуди.

Светската туристичка организација (СТООН) е агенција на Обединетите нации одговорна за промовирање одговорен, одржлив и инклузивен туризам. Како главна меѓународна организација во областа на туризмот, таа го промовира туризмот како катализатор за економски раст, инклузивен развој и одржливост на животната средина, обезбедува водство и поддршка на туристичкиот сектор во однос на унапредување на знаењата и туристичките политики во светот. Главен собир на Светската туристичка организација е Генералното собрание, кое се состанува на секои две години, за усвојување на буџетот и работната програма, дебатира за витални теми за туристичкиот сектор, а на секои четири години избира нов генерален секретар.