Министерството пресече, операторите нема да им плаќаат на телевизиите за реемитување

Министерството пресече, операторите нема да им плаќаат на телевизиите за реемитување

По сомнежите дека ќе озакони рекет, Министерството за информатичко општество и администрација одлучи во финалната верзија на измените на Законот за аудио и аудовизуелни медиумски услуги да не ја вметне обврската операторите задолжително да ги реемитуваат домашните телевизии. Исклучок е јавниот радиодифузен сервис, за кој операторите и законски ќе добијат обврска да го реемитуваат бесплатно.

Претходната верзија на измените на Законот за аудиовизуелни услуги во членот 143 предвидуваше операторите да добијат обврска задолжително да ги реемитуваат програмските сервиси на домашните радиодифузери, но само за јавниот радиодифузен сервис беше прецизирано дека реемитувањето треба да биде бесплатно. Недореченоста во предложените измени на Законот, односно неутврдениот начин за реемитување на домашните радиодифузери, операторите и телевизиите го протолкуваа како отворена можност за озаконување рекет со кој ќе се обезбеди своевидна субвенција за дел од телевизиите и радијата додека на другите им се заканува клуч на врата.

Од Министерството за информатичко општество уверуваат дека финалната верзија ќе биде изменета.

„Утврдувањето на начините на кои ќе се реемитуваат медиумските содржини зависи од предлозите што ги добиваме од сите засегнати страни. Како што секогаш кажуваме, ние не инсистираме на ништо. Сè што е дел од овој предлог-закон е на предлог на релевантните страни во областа на медиумите. Во контекст на конкретното прашање, откако одржавме неколку работни состаноци и  со согласност на сите заинтересирани страни, во финалната верзија на предлог-законот нема да постои обврска за реемитување, освен како и до сега за бесплатно реемитување на јавниот сервис“, изјави за „Макфакс“ Марија Теговска, советник за односи со јавност во Министерството за информатичко општество.

Во финалната верзија на предлог-законот нема да постои обврска за реемитување на домашните радиодифузери, освен како и до сега за бесплатно реемитување на јавниот сервис

Бидејќи се брише од предлог-измените обврската за реемитување на домашните телевизии, не постои ниту можност да се наметне обврска операторите да им плаќаат на телевизиите за реемитувањето. Односите, како и досега, ќе ги договараат сами телевизиите и операторите.

Од Министерството велат дека последната верзија на законот е на разгледување во Европската комисија и ОБСЕ и дека во секој момент очекуваат да им стигнат коментарите кои треба да ги разгледаат за законот да влезе во владина процедура. Од Министерството очекуваат тоа да се случи на следната седница на Влада.

„Во Брисел на разгледување е верзијата што ја имавме подготвено пред Нова година. Откако ќе ги добиеме сугестиите, ќе направиме измени со кои ќе ја повлечеме и обврската за реемитување на домашните радиодифузери. Отворено е и прашањето за процентот во кој ќе бiде застапена македонската музика на радијата. Со нив денес имаме состанок на кој очекуваме предлози и се надеваме дека ќе имаме заклучок со што предлог-измените на законот ќе бидат комплетни“, рече Теговска.

Од Делегација на ЕУ во Македонија велат дека сè уште немаат повратна информација од Брисел во врска со измените на законот ниту, пак, имаат најава кога ќе ги добијат.

Здружението на новинари на Македонија останува на ставот дека треба да се воведе давачка за операторите оти тие пренесуваат програма во која е вложен новинарски труд, кој ако не се вреднува соодветно нема да имаме слобода на изразување ниту, пак, слободни медиуми.

„Нашиот став е принципиелен, за да ги заштитиме новинарите, но ако операторите и телевизиите договорат друг начин, ние ќе го почитуваме“, вели Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија.

(М.И.П.)

СДСМ како ВМРО, ќе ги поткупува телевизиите со новиот закон за аудиовизуелни услуги