Министерство за култура: МРТ нè игнорира, Законот за субвенциите треба да се укине

Министерство за култура: МРТ нè игнорира, Законот за субвенциите треба да се укине

Во врска со правта што се крена во јавноста, а се однесуваше на објавените резултати и одлуки на МРТ по објавениот конкурс според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, Министерството за култура нè информира дека минатата година биле извршени јавни консултации со повеќе засегнати страни и било заклучено дека законот треба да се укине.

„Министерството за култура подготви предлог-закон за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, кој со допис го достави и побара мислење и од МРТ. Во таа насока, на 27 декември Министерството за култура доби позитивен одговор од МРТ, во кој се вели дека МРТ ќе се ослободи од обврска што не влегува во нејзината основна дејност и работење утврдени со Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги“, информира Министерството.
Новите одлуки на МРТ, објавени на 5 јануари годинава, според Министерството, создаваат дополнителни непредвидени финансиски импликации и долгови врз буџетот за култура.

„Во моментот Министерството за култура ги анализира финансиските импликации со кои ќе се оптовари буџетот. Факт е дека Законот е сè уште во сила и дека МРТ засега постапува по него сè додека Собранието не го усвои предлогот на Министерството за култура да се укине. Но, Министерството за култура ќе преиспита дали овие одлуки на МРТ донесени на 5 јануари за конкурси што се поврзани со програмата и буџетот од минатата година се валидни и во согласност со законските прописи“, сметаат тие.

Министерството за култура до Владата на РМ веќе го поднел предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција со клучни аргументи дека овој закон не придонел за зголемување на квалитетот ниту, пак, донел напредок и развој на музичката продукција и индустрија.

„За жал, повеќето од композициите воопшто не наидоа на прием, ниту ги чу пошироката јавност, а не беа ни промовирани и емитувани интензивно на македонските радија и телевизии. Речиси на сите објавени резултати по конкурсите, кои се инаку квартални во една година, имаше големи реакции во јавноста – дека се финансираат неквалитет и шунд и дека овие конкурси се уште еден клиентелистички механизам за купување на наклонетоста и послушноста на одредени музички уметници“, стои во ставот на Министерството.

А. В.