Младата репрезентација загуби од Србија

Младата репрезентација загуби од Србија

Младата фудбалска репрезентација на Македонија загуби од Србија во квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство во 2019 година во Сан Марино и Италија. Србија во комплексот „Петар Милошевски“ на ФФМ славеше со 2:0 со головите што во првото полувреме ги постигнаа Лукиќ и Живковиќ. Македонија со овој пораз ја прекина низата од 10 квалификациски меча на кои немаше пораз.

Македонскиот селектор Благоја Милевски во пресрет на натпреварот посочи дека Србија е фаворит на овој дуел и дека квалификациската пресметка нема да има ништо заедничко со мечот што овие две селекции го одиграа во јуни на Европското првенство во Полска и таа негова констатција беше видлива на теренот.

Македонија успеа да ѝ парира на Србија во воведните 15-ина минути и на моменти во вториот дел кога Србите ја примирија играта и своите шанси ги чекаа од контранападите.

Ѓорѓев прв се закани по 18 минути игра, но неговиот добар обид од 20 метри со парада го одбрани Радуновиќ.

Србија четири минути подоцна го постигна водечкиот гол, Радоњиќ проби по левата страна, упати приземна топка на втората статива, а Лукиќ ја смести во голот. Потоа асистентот Радоњиќ ја погоди гредата, а по ударот на Пантиќ, Чешмеџиев од гол-линијата успеа да исфрли во корнер.

Мечот беше решен во 37. минута кога играчот на Бенфика, Живковиќ, биеше од колено од 25 метри и го погоди десниот горен агол од голот на Илиќ.

Србите ја добија битката на средината на теренот и на индивидуалниот квалитет. Македонија дејствуваше неорганизирано, со многу индивидуални грешки и, како што рече по мечот селекторот Милевски, на моменти немаше дисциплина во играта.

До крајот на натпреварот Македонија остана и со играч помалку кога во 86. минута Чешмеџиев го доби вториот жолт картон.

На табелата во Групата 7 води Русија со 7 бода од три натпревари, исто толку бодови има и Ерменија, но со меч повеќе, Србија е трета со шест бода од две средби, а Македонија и Австрија имаат по три бода по два одиграни натпревара, а Гибралтар е последен без бодови.

Младите македонски фудбалери квалификациите ги продолжуваат во вторник кога во Португалија ќе играат против аутсајдерот Гибралтар.

Ненад Цветанов