ММДЧП: Привремената влада на Македонија да спречи формирање коалиција СДСМ/ДУИ и да објави датум за нови избори

ММДЧП: Привремената влада на Македонија да спречи формирање коалиција СДСМ/ДУИ и да објави датум за нови избори

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП), согласно Уставот на Република Македонија  бара од привремената влада на Македонија да спречи доделување мандат за формирање влада, на коалицијата СДСМ/ДУИ, да спречи преземање на Собранието во нивни раце и веднаш да одреди датум за нови избори – слободни и без надворешни влијанија. Овие мерки се во надлежност на привремената влада и гарантирани со македонскиот устав, додаваат од ММДЧП.

 

„На коалицијата којашто има поддршка од Западот не смее да ѝ се дозволи да владее врз основа на анти-уставна и анти-македонска платформа. Нелегалното именување на претседател на собранието не смее да биде прифатено бидејќи е спротивно на сите парламентарни правила, вклучувајќи го и недоволниот број гласови и сето тоа одлуката ја прави неуставна. Не смее да се дозволи денационализацијата на Македонија, којашто претставува закана за промена на името, идентитетот, знамето, химната и грбот, сè во име на барањата на Тиранската платформа, којашто беше изработена во Албанија, под патронат на албанскиот премиер. САД и ЕУ бесрамно се мешаат во внатрешните работи на Македонија. На странски влади не смее да им се дозволи да владеат во друга држава“, порачуваат од организацијата.

 

„Уште откако Македонија стекна независност, ММДЧП им забележуваше на двете најголеми политички партии што му дозволуваа на Западот да ја диктира внатрешната политика, но му забележуваше и на Западот да ја контролираат Македонија заради свои интереси. ММДЧП отфрла секаква квалификација дека станува збор за избор на ‘левица или десница’, односно ‘СДСМ или ВМРО’. Овде станува збор за македонски национални и човекови права. Од нашите извештаи за спорот со името произлегува дека ние сме против ВМРО, а последните наши извештаи звучат дека сме против СДСМ. Не е точно, ниту едното, ниту другото. Ние сме против  која било партија која не дејствува на начин кој е во најдобар интерес на Македонија и на македонскиот народ“, велат од ММДЧП.

 

„ММДЧП повторно бара од привремената влада во Македонија да го протера американскиот амбасадор Бејли и секој друг што се меша во внатрешните работи на Македонија. Го повторуваме и нашиот апел до Македонија да престанат да бараат ‘дозвола’ од САД и Европската Унија за секоја политичка одлука, затоа што токму тие држави и институции го поткопуваат суверенитетот и опстојувањето на независноста на државата. Го повторуваме и нашето барање за нелегално избраниот претседател на собранието, Талат Џафери, и за сите други кои беа амнестирани од гонење за воени злосторства, веднаш да се покрене постапка и да одговараат за злосторствата што ги направиле. ММДЧП го повторува барањето до администрацијата на Трамп веднаш да ја примени политиката која самите тие ја пропагираа – да се стави крај на странскиот интервенционизам – што би значело и ставање крај на мешањето во Македонија и на кризата која беше создадена од Стејт департментот и од американската амбасада во Македонија“, додаваат од организацијата.

 

„ММДЧП бара од Западот и од западните медиуми коректно да известуваат за кризата во Македонија и, наместо да го оспоруваат легитимитетот на Македонија и македонскиот народ, да ги бранат и да ги поддржат нашите права како Македонија и како Македонци. Независно дали се работи за мрзливост, за наивност или за неинформираност, извештаите на западните медиуми ги третираа едните протести како про-западни, одбивајќи објективно да известат за кризата за Македонија и за непартиските масовни протести. Здравиот разум вели дека секој етникум би се бранел од напади коишто го загрозуваат неговото постоење. Во конкретниов случај, Македонците се тие што се бранат себеси од нападите на нашите „традиционални“ угнетувачи и, за жал, од САД и Западна Европа. Здравиот разум и одговорни новинари би ги принудиле западните медиуми да информираат за вистината за македонската криза“, заклучуваат од ММДЧП, додавајќи дека „привремената влада на Македонија има моќ да стави крај на оваа криза и ММДЧП ја повикува да реагира веднаш и без колебање“./крај/мф