Мнозинството не го поддржаа штрајкот на „Фени“, од 850 вработени, на блокадите едвај стотина

Мнозинството не го поддржаа штрајкот на „Фени“, од 850 вработени, на блокадите едвај стотина

Стотина вработени во „Фени“ денес два часа го блокираа патниот правец Прилеп – Градско во близина на мотелот „Дреново“. Со фабричката сирена, облечени во работни униформи, вработените уште еднаш ги повторија барањата за сопирање на стечајот, исплаќање на платите во цел износ и статус на вработени сè до конечна продажба на фабриката.

Мнозинството вработени во „Фени“ не го поддржаа штрајкот оти на него гледаат како притисок фабриката да ја добие бугарски „Енекод“ за која банките соопштија дека се сомневаат оти има капацитет да ги преземе обврските и долговите бидејќи е компанија што пријавила загуби во првите шест месеци од годинава.

Вработените се жалат дека синдикалното раководство им вршело притисок да излезат на штрајк.

„Одат по канцеларии и се закануваат дека ќе нè избркаат од работа ако не излеземе на штрајкот што го организираат. Активирано е целото раководство, кое настојува со штрајкот да го скрие досегашното лошо работење и за тоа да ги обвини банките и должниците“, веалт вработените.

Еден од нив вели дека не излегол на штрајкот оти морал да менува колега.

„Го менувам колегата што мораше денес да оди во друг град, да моли за дрва за огрев иако веќе има платено дрва преку синдикатот. Не му ги доставуваат, а секој ден ги бара. Додека претседателот на синдикатот изигрува револуционер, тој нема како да си ги стопли децата“, вели вработениот.

И покрај малата поддршка, вработените што се на протести најавуваат дека ќе продолжат да штрајкуваат.

Банките се изјаснија дека не ја менуваат одлуката и остануваат на ставот дека иднината на „Фени“ е во реструктуирање преку стечај, кој ќе значи и репрограмирање на долговите во моментот кога ќе се појави сериозен инвеститор.

(М.И.П.)