„Монструм“ да се врати на повторно судење, побара Комитетот за заштита на правата

„Монструм“ да се врати на повторно судење, побара Комитетот за заштита на правата

 

Комитетот за заштита на правата го поздравува ставот на Јавното обвинителство за прифаќање на жалбите и за повторување на случајот „Монструм“ со цел да се отстранат сомневањата за веродостојноста на доказите и вештачењата и да се дозволи да се случи владеењето на правото, како и констатацијата дека отсуството на прислушуваните материјали оневозможува правилна и правична оцена на доказите. Комитетот го повикува Врховниот суд да постапи независно и непристрасно и да го врати предметот на повторно одлучување, надлежните органи и судот да ја утврдат вистината, а казната бргу да ги стигне виновните.

Комитетот смета дека ваквиот приод на Јавното обвинителството и правосудството треба активно да продолжи и за сите други спорни, политички мотивирани случаи, без оглед на етничката конотација на кој било случај. „Специјалното јавно обвинителство треба да го стори тоа секаде каде што е надлежно и каде што располага со незаконски прислушувани материјали. Јавното обвинителство, вклучително и специјалното, дополнително имаат законско право и обврска да ја заштитат законитоста на секоја правосилна судска одлука и постапка и тоа може да го направат и во корист на обвинетиот“, соопшти Комитетот.

Комитетот смета дека реформи во правосудството ќе може да има, само доколку претходно се расчистат монтираните, односно политички мотивираните случаи, како што ги нарекува меѓународната заедница.

„Преку монтираните судски хајки и апсења режимот истовремено го прикриваше својот криминал, ги елиминира политичките противници, а сите други ги заплашуваше дека може да им се случи нешто слично. Спрегите меѓу поранешната власт и судството, кои беа јавна тајна, конечно се разобличија со објавувањето на т.н. бомби. Преку нив се слушна како владини функционери по телефон диктирале судски пресуди, а судиите ги извршувале нивните нарачки. Потоа, на сличен начин се избирале и напредувале судии, а неподобните се разрешувале. Се местеле предмети кај свои судии, а се давале насоки како да се водат обвинителски истраги“, велат од Комитетот.

Од таму потсетуваат дека во извештаите на експертската група на Прибе, на ЕУ за напредокот на нашата земја, на Стејт департментот на САД, особено во поглавјето политички затвореници и притвореници, на ОБСЕ и други меѓународни организации и институции се наведени повредите на слободите и правата на граѓаните и нужноста од реформи во правосудството.