МОН почна постапка за нов закон за високо образование

МОН почна постапка за нов закон за високо образование

Министерството за образование и наука почнува постапка за носење нов закон за високо образование. Веќе е формирана работната група која денеска го одржа првиот состанок.Министерката за образование и наука, Рената Дескоска-Треневска, денеска изјави дека целта е да се направи нов закон што ќе ги опфати сите аспекти од статусот и организацијата на универзитетот, надлежностите на Сенатот, начинот на управување на факултетите, статусот на наставниците, начинот на кој студентите ќе се организираат во рамки на универзитетот, процесот на нострификација на дипломите.

– Целта е да направиме еден нов закон за високо образование бидејќи постојниот закон веќе е премногу менуван и е нечитлив, нејасен и конфузен. Во моментот правни експерти дури имаат проблем да лоцираат која одредба кога стапува во сила со оглед на тоа што претходната влада носеше законски измени на овој закон коишто не беа обмислени и постојано ставаше нови измени со кои ги одложуваше измените, истакна министерката Дескоска-Треневска.

Таа додаде дека нема да се брза со носење на законот туку предност ќе се даде на квалитетна дебата со која ќе се дојде до најсоодветните решенија.

– Периодот ќе биде малку незгоден поради локалните избори кога Парламентот не работи. За мене ќе биде оптимално ако успееме да го донесеме законот до крајот на годината. Тоа би било идеална ситуација, рече министерката за образование и наука.

На средбата беа присутни претставници на Професорскиот пленум и Студентскиот пленум.