Мравките ги спасуваат ранетите ‘соборци’

Мравките ги спасуваат ранетите ‘соборци’

Како и вистинските војници, припадници на вид мравки од субсахарска Африка тргнуваат во борба стапувајќи во формација, а подоцна своите ранети ‘соборци’ ги носат во мравјалникот на закрепнување.

„Тоа не го прават заради алтруизам“, рече ентомологот Ерик Франк, кој предводеше група научници кои на Брегот на Слоновата Коска го проучувале однесувањето на видот мравки Megaponera analis, кои се хранат со термити.

„Не им помагаат на другите мравки заради својата добрина. Тоа го прават бидејќи е полезно за колонијата. Повредените мравки по закрепнувањето повторно одат во борба и остануваат функционални членови на колонијата“, појасни Франк.

Овие мравки, кои може да нараснат и до два сантиметра, се ‘специјалисти’ за лов на термити и се користат со препознатлива стратегија.

Извидницата го напушта мравјалникот и трга во потрага по термити. Откако ќе ги пронајдат, се враќаат по ‘воините’, неколку стотини, а потоа во формација ги водат во битка. Повредените мравки лачат феромони, што е знак дека им треба помош.

Здравите соборци потоа ги подигаат и заедно со мртвите термити ги носат во мравјалникот во истата формација. Мравките кои во борбата со термитите ќе загубат една или две од своите шест нозе, можат брзо да ја прилагодат својата моторика и во рок од 24 часа да бидат речиси исто брзи како и кога биле здрави. Оние што се полесно повредени, тргаат во нови походи за еден час.

Вакво спасување на припадници на својот вид е многу често кај приматите и другите видови на цицачи, како слоновите, делфините и стаорците. /крај/хн/ст